Зеленски: Обновата на Украина е заедничка задача на целиот демократски свет

од Nikola Popovski

Обновата на Украина е „заедничка задача на целиот демократски свет“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на отворањето на конференцијата во Лугано, на која треба да се утврдат приоритетите за идната обнова на земјата погодена од војната.

Зеленски рече дека обновата на Украина е „најважниот придонес за мирот во светот“ во видео-обраќање до официјалните лица на сојузничките земји на Украина и бројни меѓународни институции.

Речиси илјада претставници на сојузниците на Украина, меѓународните институции и приватниот сектор денеска и утре се во Лугано, Швајцарија за да утврдат како ќе изгледа идната реконструкција на земјата. Зеленски остана во Украина, додека украинска делегација од околу сто лица, меѓу кои и украинскиот премиер Денис Шмигал, претседателот на парламентот Руслан Сефанчук, вчера пристигна во Лугано.

Претседателот на Швајцарската федерација, Игнасио Касис, кој е домаќин на конференцијата заедно со неговиот украински колега Зеленски, оцени дека реконструкцијата и реформите не се во конкуренција, туку меѓусебно засилување. Касис повика на континуирани напори во борбата против корупцијата и да се гарантира функционирањето на правдата и покрај војната.

Состанокот во Лугано треба да доведе до „ефективен политички процес“, рече швајцарскиот претседател.

Треба да се направат планови за гарантирање на помошта за Украина и за поделба на улогите меѓу таа земја, другите земји, меѓународните институции, приватниот сектор и граѓанското општество.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, својот говор го заврши со „слава на Украина“ во кој инсистираше обновата на Украина да биде подобра отколку што беше пред војната.

„Украина може да излезе од сето ова и да биде на пат кон силна земја, помодерна, со поцврст правен систем и институции, со успех во борбата против корупцијата, но и со позелена, подигитална и поотпорна економија “, изјави Фон дер Лајен.

„Знаеме дека нивната (украинска) борба е и наша борба и затоа и помагаме на Украина да победи во оваа војна“. ; Исто така, треба да обезбедиме Украина да го добие мирот што несомнено ќе дојде“, рече таа.

Целта на конференцијата е да се создаде програма слична на „Маршаловиот план“ на САД за обнова на Европа по Втората светска војна. Се проценува дека обновата на Украина, каде што војната трае повеќе од четири месеци, ќе чини стотици милијарди долари. Планот треба да ги наведе потребите на Украина, во однос на оштетена и уништена инфраструктура, уништена економија, како и во областа на животната средина и општеството.

Слични содржини