На социјалните мрежи, Зеленски тврдеше дека Москва, со започнувањето на инвазијата врз Украина во 2022 година, „уште еднаш е на пат да го однесе светот на работ на нуклеарна катастрофа предизвикана од човек“.
„Светот не смее да дозволи овој нуклеарен тероризам да продолжи, а најдобар начин тоа да се прекине е Русија да се принуди да ги сопре своите неодговорни напади“, изјави тој.
Тој истакна дека руски дронови редовно летаат над Чернобил, потсетувајќи дека еден од нив минатата година ја погоди – и ја оштети – неговата заштитна структура.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Гроси, повика на поправка на таа колосална челична купола поставена во периодот 2016–2017 година, „што е можно поскоро“.
„Оставањето на ситуацијата таква каква што е во моментов е проблематично“, изјави тој на конференција за новинари во Киев.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду исто така пристигна во главниот град на Украина, каде што се состана со Володимир Зеленски, а планира да отпатува во Чернобил за да им оддаде почит на жртвите на катастрофата.
„Катастрофите не познаваат граници, а ниту солидарноста не би требало да познава граници. Молдавија стои покрај оние што градат, а не покрај оние што уништуваат“, напиша таа на „Х“.
Несреќата во тогашната советска нуклеарна централа Чернобил на 26 април 1986 година е најтешката цивилна нуклеарна катастрофа во историјата.