Жбогар од Охрид: Нелегалните градби за нас како Европска Унија се нешто што е незамисливо

од Nikola Popovski

Поддршка во битката со дивото градење на охридското крајбрежје изрази денеска евроамбасадорот Жбогар од Охрид и ги охрабри локалните власти да продолжат со акцијата за уривање со цел да се задржи статусот под УНЕСКО.

Тој упати и апел до жителите дека предците не го оставиле Охридското Езеро за тие да го уништуваат. Евроамбасадорот Жбогар посочи дека справувањето со нелегалните градби, ќе покаже дали има владеење на правото.

„Во Охрид сум за да помогнам самиот град да го задржи статусот на УНЕСКО, меѓутоа и да се заштити тој статус т.е. Охридското Езеро. Јас разбирам и гледам дека има поединци во Охрид и околината на градот кои што не се грижат за статусот УНЕСКО кој градот ги има, туку на прво место им се приватните интереси. Верувам дека мнозинството од граѓаните во Охрид навистина се грижат за зачувување и заштита на Езерото за идните генерации. Вашите предци не ви го оставија градот Охрид, ниту Охридското Езеро за вие да го уништите, туку да го оставите за идните генерации. Јас разбирам дека има луѓе во Охрид кои веруваат дека УНЕСКО статусот не донесе никаква дополнителна вредност за градот“, кажа Жбогар.

Според него, нелегалните градби за нас како Европска Унија се нешто што е незамисливо.

„Во мојата Словенија ,имаме езеро Блед ,кое е ,многу помало од Охридското Езеро.Таму никој не ни помислува да изгради било каква дивоградба, а не да направи таков чин, тоа е до менталитетот на граѓаните.Јас и Европската унија даваме силна поддршка на градоначалникот на Охрид Георгиески ,да продолжи со остранувањето на нелегалните градби“, изјави евроамбасадорот, Самуел Жбогар.

Тој најави и поддршка за изготвувањето на стратегијата за развој на туризмот, со чија помош жителите ќе можат да се продолжи туристичката сезона во Охрид.

„Со градоначалникот зборувавме и за неговите планови за да се изготви Стратегија за развој на туризмот. Ние како ЕУ сме спремни да ги поддржиме тие напори за да се изготви таа стратегија. Европската Унија е подготвена да помогне и во спроведување на стратегијата. Се разбира, со цел да се привлечат повеќе туристи во Охрид, да потрошат повеќе пари и да се даде друга можност за развој и продолжување на туристичката сезона кои ќе им помогне на граѓаните да живеат тука наместо да мигрираат“, потенцираше тој.

Слични содржини