Жителите на Љубанци, Љуботенски пат и Раштак ќе добијат пат по кој за пократко време ќе пристигнуваат во Скопје

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски присуствуваа на увид на реконструкција на патот Бутел- Љуботен.

„Патот од селото Бутел до селото Љуботен е важен инфраструктурен проект е поткрепен со близу 11 милиони денари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а се реализира и со неповратни средства од Програмата за рурален развој. Сакам да истакнам дека оваа делница во должина од 7 километри се реконструира прв пат по 28 години. Таа е дел од нашите заложби и граѓаните од руралните средини да добијат соодветни услови за живот. Делницата ќе значи подобро инфраструктурно поврзување на над 5. 000 жители на селото Љуботен и туристичкото место Башинец, додека жителите на селото Љубанци, Раштак и Љуботенски пат ќе имаат можност за многу пократко време да пристигаат во Скопје. Искрено се надевам дека овој пат ќе го стимулира и локалниот економски развој, ќе отвори можности за развој на руралниот туризам и ќе обезбеди полесен пристап и поврзаност на земјоделците.

Цели 10 години нивото на инвестиции во инфраструктурата во нашата држава беше на ниско ниво, со што станавме инфраструктурно заостаната земја, со рурални средини без основни животни услови. Токму затоа Владата е цврсто решена да вложува во изградба на развиена инфраструктура, а ги стопираме инвестициите во непродуктивни проекти, каков што беше Скопје 2014. Наша стратешка цел е реализацијата на проектите: „Македонија мегалополис”, инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри за не повеќе од 90 минути, и „Македонија без црни точки”, изјави Заев

Слични содржини