Зибери бара заштита на граѓаните: Земал брз кредит од 9000 денари, па морал да врати осум пати повеќе!

од Nikola Popovski

Народниот правобранител Насер Зибери денеска претставувајќи го Годишниот извештај за работата на Омбудсманот за 2022 година, истакна дека е особено загрижен од работата на финансиските друштва. Тој информира дека граѓаните доставиле претставки до него.

-Сите сме сведоци на агресивни реклами за брзи кредити без камати кои ги нудат големиот број финансиски друштва. Тие кредити често се користат за затворање на претходни кредити, а притоа отсуствува контролата и надзорот на нивното работење. Не постои ограничување на вкупните трошоци на надоместоците и привизиите на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва, рече Зибери на прес-конференција.

Тој илустрира пример кој во форма на претставка бил доставен.

-За земен кредит од 9000 денари, за доцнењето на неговата исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат огромни трошоци. Така, за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2026 денари, за надоместок на доцнење дури 58846 денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомена од дури 5900 денари, долгот достигнува сума од 75772 денари, што е за 8 пати поголема од долгот. Бидејќи со сегашната законска регулатива граѓаните корисници на овие брзи кредити се ставаат во огромни долгови, барам веднаш да се пристапи кон нејзина измена на Законот за финансиски услуги, со цел граѓаните при враќање на кредитите да не бидат повеќекратно оштетени, рече Зибери.

Слични содржини