ЗНМ за „РТ“ и „Спутник“: Затворање на медиуми со арбитрарна одлука од Власта не придонесува за борбата против дезинформациите

од Маја Анчевска

До овој момент нема пристигнато претставки до Советот на честа за теми поврзани со војната во Украина, велат од Здружение на новинарите на Македонија за „Локално“.

Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) посочува дека нема пракса да прави проценка на известување на медиумите освен ако тоа не е планиран процес врз основа на спроведен мониторинг на медиумска содржина во кој би се земале емпириски податоци во предвид.   Тие го делaт истиот став на Европската федерација на новинари во поглед на одлуката на Влада да се сопре емитување на „РТ“ и „Спутник“ на наша територија .

– Со цел публиката да има изградени ставови и перцепции потребно е да има плурализам во медиумското известување. Секако ова известување потребно е да се основа на етичките стандарди на новинарската професија со цел да не се креира искривена слика од реалноста. Затворање на медиуми со арбитрарна одлука од извршната власт не придонесува кон борбата на дезинформации и може да биде избрзана одлука со која ќе се наруши слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, велат од ЗНМ.

Преку јавните реакции кои ги прават солидарно со  локални и меѓународни партнери, ЗНМ сака да укаже на неколку важни прашања.

– Прво дека безбедноста на новинарите мора да се гарантира како предуслов за информирање на граѓаните и второ дека за теми поврзани со конфликти потребно е да се земат во предвид највисоките етички стандарди и трето политиките кои се носат за затворање на медиуми може да се имаат негативна последица кон правото на информирање доколку истите не се оправдани. За да се намали омразата, улога имаат и политичарите кои треба да имаат поголема одговорност во начинот на кој јавно комуницираат за овие теми. Тие потребно е во својата јавна комуникација внимателно да го бираат својот вокабулар и да избегнат потпалувачки и навивачки говор кој може да поттикне потоа омраза, не само на социјалните мрежи туку и во реалноста, додаваат од ЗНМ.

 

М.А.

Слични содржини