Со 181.026 случаи на регистрирани заболени од коронавирусот од саботата, државата Њујорк има заразено повеќе од која било држава во светот, освен, се разбира, Соединетите Американски Држави.
Покрај тоа, од вкупно 20.389 смртни случаи во Соединетите држави, 8.627 – или 42 проценти – се пријавени во државата Њујорк, со стапка на смртност од 4,7 проценти од КОВИД-19, додека во остатокот од Соединетите држави таа бројка е 3,4 проценти, според статистиката на Си-Ен-Ен, врз основа на податоците добиени од универзитетот Џон Хопкинс.
Градот Њујорк и неговите предградија сочинуваат дури 93% од вкупниот број случаи регистрирани во државата со исто име, а во самиот град, стапката на смртност е шест проценти.
Во авторски текст за Си-Ен-Ен, медицински аналитичар и експерт за заразни болести Кент Сепковиц се обиде да открие зошто градот познат како „Големото јаболко“ е толку лошо погоден од вирусот, во споредба со повеќето други околини.
Демографијата на „Големото јаболко“
Со повеќе од осум милиони луѓе – двојно повеќе од Лос Анџелес, на пример – Њујорк е град со најголемо население во САД, но има дури осум или девет пати повеќе случаи на КОВИД-19 од кој било друг град во земјата, така што станува јасно дека големината на населението не е единствената причина.
Кога се гледа во густината на населението од околу 27.000 жители на квадратна милја, очигледно е дека таквата бројка придонесува за ширење на епидемијата, но, споредено со некои други градови во светот, со густина на населеност од 40.000 жители на квадратна милја, Њујорк, сепак е далеку помалку населен, вели авторот.
Имајќи го предвид фактот дека Менхетен, најгусто населениот дел на Њујорк, има двојно поголем број на случаи од Квинс, територијално релативно голема област, која се рангира едвај на претпоследното, четврто место по густина на населението, се наметнува заклучок дека овој параметар само делумно ја објаснува ситуацијата.
Тогаш, дали високиот процент на случаи е заради големиот број извршени тестови?
Иако Њујорк стои добро во споредба со државите кои спроведоа агресивни кампањи за тестирање, како Јужна Кореја, Исланд или Германија, достапните компаративни податоци не се доволно сигурни, а ни во самиот град не е можно да се води точна евиденција за тестирање, бидејќи покрај јавните лаборатории, такви спроведувале и приватни лаборатории.
Малцинствата и сиромашните
Освен тоа, како што тврди авторот, дел од советите кои во моментот се на сила во Њујорк во кои пишува „Ако сте болни и во стабилна состојба, останете дома и не се тестирајте“, воведува нови неизвесности за тоа колку луѓе се заразени и бројот на луѓе кои починале во своите домови како резултат на КОВИД-19, а болеста претходно не им била дијагностицирана.
На сето ова треба да се додаде фактот дека епидемијата од Њујорк започна недела или две порано од многу други места и дека здравствениот систем беше недоволно подготвен за „КОВИД-19“, поради што болниците се преполнија, се сеќава авторот и заклучува дека најверојатно, објаснувањето за високата смртност лежи во хронично несоодветната здравствена заштита што им се дава на малцинствата и на сиромашните.
Афроамериканците и Хиспаноамериканци сочинуваат 51% од населението во градот и 62% од смртните случаи предизвикани од коронавирус, а стапката на смртност кај нив е двојно поголема од белците.
Оваа диспропорција е условена од фактот дека коморбидитети, како што се висок крвен притисок и дијабетес, се почести кај афроамериканското и хиспанското население, што секако укажува на лоша здравствена заштита, без оглед на причината за местото на живеење или недостаток на пари, време или доверба кон надлежните.
Инфицираните лица кои немаат пристап до квалитетни здравствени услуги, со поголема веројатност ќе останат дома без да бидат дијагностицирани и да го шират вирусот, а потоа да се соочат со потенцијално фаталните последици од одложена дијагноза и третман, смета авторот.