Зубин Мехта главен поборник за изградба на новата концертна сала на Белградска филхармонија

од Nikola Popovski
871 прегледи

На 24 јуни, со почеток во 20 часот, во концертната сала на Македонската филхармонија ќе гостува Белградска филхармонија предводена од славниот маестро Зубин Мехта во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“. Мехта ќе го предводи оркестарот на Белградската филхармонија во изведбата на Симфонијата бр.7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.

Маестро Мехта, кој е еден од најголемите диригенти на денешницата, пред извесно време даде поддршка и е еден од главните поборници за изградба на новата концертна сала на Белградската филхармонија. По изборот на идејното решение, неодамна заврши процесот на проектирање, по што наскоро треба да започне и изградбата на новата зграда на Белградската филхармонија, која би требало да биде завршена за период од три до пет години.

„Белградската филхармонија е исклучителен оркестар кој свири под палката на различни диригенти, и публиката во Србија и регионот заслужува да ги слушне во извонреден музички простор, каков што сум убеден ќе биде новата концертна сала во Белград. Среќен сум што овие музичари ќе можат да настапуваат во современ објект, што ќе им ги озвоможи сите потребни услови, како што доликува на една иституција од рангот на Филхармонија. Оваа сала ќе има одлична акустика и сигурен сум дека публиката ќе има можност за неколку години да ужива во концертите во новиот објект“, вели Мехта, кој покрај во Скопје, следниот месец ќе диригира со оркестарот на Белградската филхармонија и во Белград (20 јуни) и Тирана (22 јуни).

Концертната сала на Белградската филхармонија ќе биде лоцирана во источниот дел на Нов Белград, поточно во блокот 13, помеѓу Ушче и Палатата Србија, на локацијата каде што Белградската филхармонија изведува настапи на отворено и каде што ги реализираше најголемите концерти на класичната музика во историјата на Белград во 2017 и 2018 година.

Филхармонијата во Белград моментно е сместена во зградата изградена како привремен објект  во 1967 година. Овој објект беше реновиран во 2004 година, поради адаптација и санација, а со оглед на тоа што се извршени во рамките на постоечките габарити, зградата нема услови за работа и понатамошен развој на Белградската филхармонија. Салата има само 200 места, нема простории за вежбање, како ни за одложување на инструментите и опремата, администрацијата нема адекватни услови за работа и друго. Имајќи ги предвид ограничувањата на објектот, како и дека Србија нема ниту една адекватна симфониска концертна сала, изградбата на концертна сала со време се дефинираше како клучен приоритет во понатамошниот развој на оркестарот, музичкиот и културниот живот на Белград и најголем приоритет на одржливиот развој на културата во регионот.

Процесот на изградба на новата концертна сала на Белградската филхармонија е само уште еден доказ повеќе зошто е важно секој симфониски оркестар да има сопствен дом, Македонска филхармонија го доби својот дом во 2017 година. Проектирањето на идејното решение на новиот модерен објект во Белград се одвива во момент кога кај нас не стивнуваат превирањата и спротивставените мислења на двете засегнати страни, по одлуката на Владата за основање нова национална установа Оркестар за џез музика и планот за нејзино времено сместување во Македонската филхармонија.

Вработените во Македонската филхармонија речиси еден месец протестираат пред Министерството за култура, а пред една седмица своето незадоволство го изразија и пред Владата на РМ, при што оркестарот пред зградата на Извршната власт го изведе „Тешкото“ од композиторот Глигор Смокварски. Филхармоничарите сметаат дека сместувањето на двата музички ансамбли како две национални установи во еден дом, под еден покрив е неприфатливо од причина што ќе создаде низа непријатности во административното работење и ќе се одрази врз конструктивноста, креативноста и продуктивноста и на двете национални установи. Тие не го поддржуваат вдомувањето на новоформираната национална установа во објектот на Филхармонија, бидејќи на тој начин се создаваат услови за едни, на сметка на нарушени услови на други.

Во изминатиот период, Македонската филхармонија доби огромна поддршка од многубројни уметници, ансамбли, истакнати дејци од музичкиот и од јавниот живот од земјава, но и надвор од неа, кои застанаа на страната на филхармонскиот објект и оркестар, како еден од столбовите на македонската музичка култура. Своја поддршка изразија токму и вработените во Белградската филхармонија.

„Со загриженост ја примивме веста за  планираното вселување на новоформираната џез институција во просторот на Филхармонијата на Р.С.Македонија. Жалиме што нашите колеги кои се дел од единствениот професионален симфониски оркестар се ставени во ситуација да имаат вакви грижи, по борбата која долги години ја водеа за конечно да ја добијат својата прекрасна концертна сала. За време на нејзиното планирање и изградба, како што ни е познато воопшто не бил планиран простор за уште една, дополнителна институција и дека тој простор е наменет само за потребите на музичарите и администрацијата на Филхармонија. Белградска филхармонија го разбира проблемот со кој се соочија нашите колеги од Македонската филхармонија, бидејќи и ние исто така долго време се бориме да добиеме своја концертна сала во која ќе ги имаме сите неопходни услови за работа“, се вели во писмото од колегите од Белград.

Според нив, праксата многупати досега докажала дека повеќе ансамбли, а дури и сродни во една зграда си ја отежнуваат работата едни на други. „Сметаме дека одлуката да се смести џез оркестарот со својата секојдневна работа во концертната сала на Филхармонија  е потполно нецелисходна. Меѓународното искуство говори дека никогаш во пракса џез оркестрите не го делеле својот простор со филхармониски оркестри, и најчесто се дел од продукциите на Радио-Телевизиите.

Филхармонијата на Северна Македонија со историја од речиси 80 години е реномиран ансамбл. Ве замолуваме да и’ дадете уште поголема поддршка од таа досега, а на џез оркестарот кој допрва се раѓа да му обезбедите простор во склад со неговите активности, бројот на настапи, бројот на проектирана публика и соодветна акустика, кои  нема да бидат на штета на филхармонискиот оркестар со кој  Вашата земја треба посебно да се гордее“, стои во соопштението на Белградската филхармонија.

Слични содржини