Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими попладнево во зградата на Европската комисија во Брисел оствари средба со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, јави дописникот на МИА од Брисел.

133034626

Според вицепремиерот Беисми, разговорот со Хан бил фокусиран на четири точки, а тоа се: организирање на предвремените парламентарни избори, итните реформски приоритети што на Македонија и ги препорача Европската комисија, како и за спроведувањето на Рамковниот договор и бегалската криза.

– Во однос на предвремените парламентарни збори, намера и желба на Еврокомисијата е тие да бидат организирани според меѓународните стандарди. За оваа цел, според Хан, ќе се чека извештајот за подготвеноста да се организираат изборите на ОБСЕ/ОДИХР и на Државната изборна комисија, посочи Бесими за првата точка од разговорот со Хан.

Според македонскиот вицепремиер, во разговорите уште еднаш се покажало значењето за Македонија да го задржи фокусот во однос на итните реформски приоритети на ЕК, како што стои и во прогрес-извештајот на Комисијата, каде услов се организирање на успешни и демократски избори согласно меѓународните стандарди и прогрес во однос на итните реформски приоритети.

– Сето ова ќе биде основа во наредниот извештај што ќе треба да го подготви Европската комисија за Република Македонија, а врз чија основа и ќе се одреди понатамошната перспектива со цел Македонија да може да ги отвори преговорите во наредниот период, истакна Бесими.

Во однос на бегалската криза, според вицепремиерот за евроинтеграции на Македонија, Хан го поздравил тоа што Макеоднија го прави и двајцата размениле информации за плановите на Европската унија во наредниот период за справување со кризата.

– Говоревме и за поддршката што Еврокомисијата и ја дава на Македонија во овој поглед, како што беше вчерашната одлука за дополнителни 10 милиони евра за Република Македонија во однос на контролата на границата и регистрацијата на бегалците. А, во однос на Рамковниот договор, разговаравме за квалитативната анализа и што Република Македонија прави понатаму за подобрување на меѓуетничките односи, додава Фатмир Бесими.

Според заменик-претседателот на македонската Влада, тоа биле главните теми за кои разговарале со еврокомесарот Јоханес Хан. Бесими посочи дека немале како посебна точка на разговор можно доаѓање на Хан во Македонија, со оглед на тоа каква ќе биде агендата на комесарот и активностите.

– Се ќе се утврди во текот на неделата, но во секој сучај тоа не беше тема на денешниот разговор, дециден е Бесими.

Слични содржини