Битка за „неваљашките“ – традиција и додадена вредност

од Vladimir Zorba

 

 

 

Во времето на СССР, воениот научен институт специјално разработи играчка за ТПЗ – Тамбовскиот завод за барут во градот Котовск, која ќе го замени своето основно производство. Во 1958 година започнуваат да се произведуваат „неваљашките“ (кукла која се клати, позната и како Roly-poly) кои стануваат едни од најпопуларните играчки во СССР. Но во тешкиот период во 90-ите години од минатиот век, производството едвај успева да се задржи на површината.

Играчката повторно се врати во 2006 во Котовск, кога претприемачот Николај Завидов отвора семејна компанија за производство на кукли кои биле популарни во минатото. За органзиирање на производството, купување на машини и ремонт на старите постројки, тој зел банкарски кредит во висина од еден милион рубљи.

Зошто Завидов ја избрал неваљашката за свој производ? Во процесот на разработка на бизнис идеите, тој поставил три основни услови за своето идно производство: производот да е историски поврзан со Котовск, да е препознатлив во Русија, и пазарот да не е презаситен. Куклата која се клати, но не се превртува била одговор на тие барања. Таа е автохтон симбол на Котовск, со неа одраснале неколку генерации, и во тој момент во продавниците во целата земја немало неваљашки.

Завидов ги задржал стандардите прифатени уште од заводот за производство на барут – на сите познатата стара неваљашка, без електронски додатоци.

Компанијата успеа да си ги поврати вложените средства за три години.

Во моментов, можностите и дозволуваат да произведува 700,000 кукли годишно, но во 2016 година на пазарот биле пуштени 520,000 неваљашки.

Продукцијата на компанијата „Котовски неваљашки“ се дистрибуира на пазарот само од еден дистрибутер, кој работи со компании за трговија на големо и онлајн продавници во Русија и во земјите од Заедницата на независни држави (ЗНД).

Но, на пазарот на неваљашки во Русија во Русија има конкуренција.

Во Ростов на Дон, технологијата е поинаква и куклите се разликуваат од оние кои се произведени во Котовск – тие имаат раб на спојот по средината на двата дела на игарчката. За оние кои се навикнати на „старовремските“ неваљашки, разликата е значајна. Конкурентите нудат и поширок асортиман – „логички“ кукли, мобилни, такви кои се разглобуваат, па дури и за бебиња.

Неваљашките не се единствениот производ во асортиманот на компанијата Стеллар-М, но токму таа ги испорачува куклите за огромната московска продавница „Детски мир “ (Детски свет).

Надежда Киселева, раководител на одделот за внатрешна и надворешна комуникација во „детски мир“ раскажува дека сегментот на неваљашките се продава стабилно преку целата година – компанијата продава 80,000 такви кукли годишно, но продажбата не зависи од сезоната.

– Најголема побарувачка има за класичната варијанта на играчката и за евтините неваљашки. Истовремено на купувачите им се нудат и скапи варијанти, произведени од познати светски брендови, ни објасни таа.

Елисавета Земцова, директор за маркетинг на компанијата „Мир детства“, подвлекува дека неваљашките се популарни не само во Русија.

– На овие играчки внимание обрнуваат и западни производители. Тие се дел од асортиманот на компании како Фишер прајс, Симба Дики, Куапс, Чико. Неваљашки вообичаено на децата им ги подаруваат бабите и дедовците, чичковци и тетки – повозрасни луѓе. Оттука доажа и побарувачката на класичните модели. Прогнозата е дека пазарот е мал, но стабилен. Тоа ќе продолжи, додека постојат традиционалните играчки и светот целосно не премине во виртуелниот простор, посочува експертот.

За да не купува скапи калапи и машини за печатење за производството, компанијата Котовски неваљашки направила инструментарен трошок: поканила специјалисти и во моментов самата си ги произведува неопходните алати. За претпријатието во моментов работат 89 работници. Секоја кукла рачно се бои. Има и малечки разлики на кои купувачите вообичаено не обрнуваат внимание – неваљашките на фабриката за барут гледаат кон десно, неваљашките на Завидов – кон лево.

Меѓу најзабележливите тенденции меѓу детските играчки е интегрирањето во традиционалните играчки на принципите на конструкторите, како и внесување на компјутерски делови – кодирање, сензори, гласовна контрола и движења, синхрнизирани со мобилните телефони.

Минатата година, Дмитри Завидов, синот на основачот на Китовски неваљашки, ја пушти на пазарот линијата „Некст“, во која куклите се опремени со технологија за дополнителна реалност. Од овој модел досега се продадени 6,000 парчиња. Кај нив на куклата има цртеж кој е маркер. Преку специјална апликација за смартфони или таблети, кои работат со тој код, на екранот неваљашката „оживува“, започнува да рецитира стихови, да танцува и да пее песнички.

Апликацијата е достапна на App store и на Google play и досега била симната 10.000 пати, а дистрибутерот за 2017 година планира да продаде 30.000 неваљашки со дополнителна реалност.

Заводот за барут минатата година произвела 100,000 кукли.

– Ние не сме фабрика за играчки, но го поддржуваме производството на неваљашки и планираме за 2017 година да го зголемиме обемот на производство барем за пет пати. Фабриката работи директно со трговски ланци во Русија, и со дилери од Европа и Азија, посочи Хикита Гараџа, првиот заменик директор на ТПЗ.

За производството на неваљашки никој не го поседува патентот.

Според Дмитри Завидов, фабриката за барут не му е директен конкурент.

– Во секој случај ја поддржуваме чесната конкуренција и искрено веруваме дека само во услови на конкуренција во Котовск ќе се произведуваат висококвалитетни играчки неваљашки, вели тој.

Алексеј Плахотников од градската управа истакнува дека двата производители осигуруваат работни места за граѓаните, си ги плаќаат даноците и се борат за квалитетот и за привлечноста на производите.

Како се пробива на пазарот ваква играчка? Според Дмитри Завидов, потребни се оние кои сакаат да се произведуваат неваљашките.

– Многу често во современиот живот неваљашката останува првата играчка за детето. За возрасните пак, тоа е носталгија, можност да се потсетат на сопственото детство. Планираме да продолжиме да се развиваме во тој тесен „неваљашки сегмент“, објаснува бизнисменот.

Тој има идеја да направи серија со националните карактеристики на некои руски региони – Татарстан, Чувашија, кавкаските републики.

Форбс Русија – Москва

Слични содржини