Сопственото глорифицирање кога неуспесите на власта испливаа на површина, е неуспешен обид за враќање на разнишаниот „патриотски имиџ“, велат аналитичари, анализирајќи го за DW илинденскиот говор на премиерот.

0,,17828041_303,00Евтин политички маркетинг, реторика за оттргнување на вниманието од реалноста, самооправдување за одредени потези, акцентирање лажни успеси, поистоветување со илиденските херои, неуспешен обид за поправање на разнишаниот „патриотски имиџ“. Ова се дел забелешките на аналитичарите за пораките што премиерот Груевски ги испрати до јавноста преку вчерашниот илинденски говор пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје.

Според аналитичарот Арсим Зеколи, премиерот Груевски ја искористил можноста за обид пред своите приврзаници да врати барем дел од својот некогашен имиџ на храбар, непоколеблив борец и патриот, кој несомнено го изгубил поради објавените скандали, а посебно поради настаните во Куманово, кои му натежнуваат нему и на Владата.

„Вложи напори настаните во Куманово да ги стави во контекст на борбата против тероризмот, а со тоа да направи отклон од сомнежите за тоа што навистина се случило и зошто беше принуден да ги напушти своите соработници од врвот на безбедносните служби. Оттаму, и покрај сите силни пораки, кои на моменти можат да се разберат и како закани, неговиот говор ни приближно ја нема онаа доза на храброст, сила и ароганција со која доскоро се рафрлаше. Некогашната медиумски проектирана слава на ‘Груевски-освојувачот’ заврши со авантурата во Куманово која допрва скапо ќе го чини, па се стреми да се замени со онаа на ‘Груевски-бранителот’, заштитник од заканите кои демнеат ‘во нашата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа’“, анализира Зеколи.

Според него, сепак најбитното од говорот на Груевски, како и на Иванов и Вељановски, е контекстуалното нагласување на проблемите со кои сега се соочува земјата.

„Стравувам дека намерно и смислено тие однапред се фаворизираат како иден изговор за неисполнувањето на поставените и прифатените задачи и реформи предвидени со Договорот од Пржино. Провокативниот став дека бројот на пратеници од дијаспората треба да се утростручи а не да се намали, е доволен индикатор за односот на Груевски кон тој Договор и за методите кои ќе се користат понатаму за негова опструкција“, прогнозира Зеколи.

Дел од аналитичарите укажуваат и на обидот на премиерот кризата да ја адресира како нешто „што само по себе се случува“, а не како резултат на лоши политики.

(…)

И во граѓанскиот сектор кој го одликува силен јавен активизам, со внимание ги проследија илинденските пораки на државниот врв. Марјан Забрчанец, граѓански активист и консултант за стратегиски комуникации, говорот на премиерот го оценува како блед, со веќе чуени фрази, кои се сведуваат на неколку зборови: „работиме“, „проекти“, „народот“, како уште еден говор во кој премиерот се осврнува на себеси, а не на граѓаните.

„Го спореа и успехот на Илинденците, го спорат и нашиот успех, успехот на нашата генерација, но тој не може да се скрие, нашите идеи, дела реформи, перспективи“, рече Груевски.

Според Забрчанец, клучен преседан во обраќањето на премиерот e посредното поистоветување на успехот на илинденците со учинокот на владата.

„Неколкукратното повторување на наводните успеси, говори за потребата од себедокажување во моменти кога токму неуспесите на оваа власт испливаа на површина, најпрвин преку ‘бомбите’, а потоа и преку извештајот на Прибе. Клучен преседан во говорот на Груевски е злоупотребата на херојството на илинденците и антифашистите и обидот да ја поистовети неговата власт со дејноста на борците од поблиското минато на Македонија. Груевски, како да заборавил дека за да бидеш доследен и истраен антифашист, најпрво треба да си антифашист. Заборава и дека јунакот чие име го користи како авторитет, Ченто, се борел токму за правда, за слобода и за демократизирање на општеството, вредности за кои денес се борат најголемите критичари на Груевски“, вели Забрчанец.

Текстот во целост прочитајте го тука

Слични содржини