ЕПП: Обидите за ново исцртување на границите на Западен Балкан се неприфатливи

од Vladimir Zorba

Најголемата и највлијателна Европска народна партија (ЕПП) на дводневниот конгрес на Малта треба да ја усвои нацрт-резолуцијата со која се дава едногласна поддршка за евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан и се истакнува дека иднината на овој регион е во Европската Унија.

„Евроинтеграцискиот процес беше најуспешна и најмоќна европска политика и се потврди како атрактивна алатка на европскиот модел и како таков останува важен одговор на предизвиците за консолидаризирање на глобалната улога на Европа и ја потврдува нејзината одговорност кон стабилизирање на континентот преку поголема ангажираност во Западен Балкан“, стои во нацрт-документот.

ЕПП ги повикува сите земји членки, како и институциите во ЕУ повеќе да се фокусираат на Западен Балкан и да направат конкретни чекори за примена на она што е одлучено со Сараевската декларација, која се однесува на создавање заеднички пазар во регионот.

Во документот, се наведува важноста на Западен Балкан во заштитата на надворешните граници на ЕУ и се истакнува дека од тие причини треба особено внимание да му се посвети на регионот.

ЕПП, од друга страна, ги повикува земјите од Западен Балкан да не ја изгубат мотивацијата и посветеноста на пристапните преговори со ЕУ, туку да продолжат со неопходните реформи бидејќи земјите од Западен Балкан имаат јасна европска перспектива и силна поддршка од ЕПП. Во документот се наведува дека евроинтеграциските аспирации на секоја земја ќе бидат оценувани според постигнатите резултати.

Во нацрт-декларацијата, ЕПП инсистира на воздржаност од етнички провокации во регионот и ги осудува сите провокативни и агресивни однесувања, кои претставуваат закана за стабилноста и за мирот.

„Мирот не може да се изгради или одржи преку националистичка, популистичка и радикална реторика. Потсетувањето на контроверзиите од минатото нема да му помогнат на регионот да продолжи по европскиот пат“, стои во документот и се истакнува дека мора да се зачува мултиетничкиот карактер на регионот, да се одржуваат добрососедските односи и регионалната соработка.

„Билатералните спорови меѓу земјите во регионот не треба да претставуваат блокада на евроинтеграциите. Суверенитетот и интегритетот на земјите од Западен Балкан мора да се почитуваат, а обидите да ново исцртување на националните граници во регионот се неприфатливи“, стои во документот.

ЕПП ги повикува политичките сили од регионот да ги почитуваат демократските процеси и институции, да се фокусираат на спроведување на реформите во судството, да воспостават владеење на правото и независни и транспарентен судски систем, да се борат против корупцијата, силно да ја поддржат слободата и независноста на медиумите, како и да ја подобрат социо-економската ситуација во земјите, преку намалување на невработеноста./META

Слични содржини