Наспроти бранот на мигранти, кои се подготвени да ги загубат и нивните животи за да влезат во ЕУ, ценета која се плаќа во човечки животи е висока. Но, таа има и финансиски последици, бидејќи ЕУ троши се повеќе и повеќе за да ги заштити своите граници, додека мигрантите плаќаат се поскапо и поскапо за да ги поминат границите, јави дописникот на МИА од Париз.

migrants1_20155494951

Илегалното влегување во европската тврдина има човечка и финансиска цена која е се повисока. Парискиот весник „Либерасион“ му се приклучи на колективот ТМФ, кој откако ги изброја загинатите мигранти во обид да влезат во Европа во текот на 2014 година, во 2015 година се занинава со финансиската страна на миграцијата. Бројките кои се откриени денес покажуваат дека паралелно се развиваат речиси на еквивалентен начин две економии.

Од една страна, разните „пренесувачи“ преку границите, понекогаш поддржувани од владите се богатат на сметка на мигрантите на нивниот смртоносен пат. Според ТМФ, најмалку 16 милијарди евра биле потрошени од мигрантите од 2000 година за да дојдат до Европа.

Од друга страна, државите од ЕУ финансират нови технологии за да ги откриваат мигрантите, инвестираат во изградба на се повисоки ѕидови и жичени огради и скапите протерувања. Според ТМФ, фактурата на 28 земјите-членки на ЕУ од 2000 година до денес достигнала најмалку 13 милијарди евра.

Во студијата се зборува за мигрантите кои немаат виза, кои се обидуваат да влезат во Европа преку море, најчесто Средоземното море и Атлантикот или пак по копнен пат. На тој копнен пат се наоѓа и Македонија. Од почетокот на 2015 до 10 јуни, според Високиот комесаријат за бегалци, вака пристигнале 105.000 лица. Во истиот период во 2014 година, на оовј наќин до Европа дошле само 49.000 имигранти, а во текот на целата година се регистрирани 219.000 пристигнувања, односно три пати повеќе отколку во 2013 кога имало 60.000.

Војните и диктатурите ја објаснуваат ситуацијата. Од сите пристигнати мигранти во 2015 година, дури 39 проценти се бегалци од Сирија и арапските земји, 14 отсто се Авганистанци, осум проценти од Еритреја и шест отсто се од Сомалија.

Но, многу преминувања преку копнените и морските граници на ЕУ, воопшто не се евидентирани. Според Фронтекс – Агенцијата на ЕУ за заштита на границите, главниот пат за пристигање на мигрантите во Европа се меѓународните аеродорми.

Тие понекогаш влегуваат со времени визи или фалсификувани документи. Според Еуростат, во ЕУ во 2012 година влегле 1,7 милиони мигранти, што за споредба со 219.000 преку морските граници во 2014 е мала бројка. Но, всушност тие најмногу ги ризикуваат своите животи. По рекордот од 3.500 загинати во 2014, годинава во обид да дојдат во Европа животите ги загубија 1.850 лица.

Унгарија најави дека ќе изгради ѕид на границата со Србија, висок четири метри и долг 175 километри. Реакциите на протести се разбирливи, бидејќи таа беше земјата која прва ја спушти бодликавата жица за Германците од некогашна Источна Германија.

Но, Унгарија не е првата земја-членка на ЕУ, која подигна огради и ѕидови. Шпанија веќе има изградено ѕид во нејзината енклава Мелиља за цена од 47 милиони евра. Бугарија веќе огради дел од границата со Турција, истот го стори и Грција. Од 2000 година, па до денес, ЕУ и нејзините земји-членки потрошиле 11,3 милијарди евра за протерување на имигрантите.

Токму против сите овие „затворени врати“ папата Франциско, без да ги именува вчера испрати јасна порака.

– Ве повикувам сите да побарате прошка (од Бога) за лицата и институциите кои ги затвораат вратите на луѓето кои бараат едно семејство, кои сакаат да бидат заштитетни, изјави папата, охрабрувајќи ги оние кои им пружаат помош на мигрантите.

ТМФ дава и примери за цената на патувањата на мигрантите. Едно патување со лажни документи со авион до Шведска се наплаќа 7.500 евра, премин со брод од Сенегал до Канрските Острови чини 75 евра, а преминот пеш од Грција во Македонија 150 евра. „Изборот“ на пат за мигрантите е голем, а цените се различни.

Најчесто користениот пат од почетокот на 2015 година е тој кој минува низ Македонија, доаѓајќи од Турција, Грција и Бугарија, кон Србија и Унгарија. Овој пат веќе го минале 48.000 лица. Средната просечна цена за премин на сите овие граници е 1.900 евра по лице. Потоа следи Средоземното Море, кое го преминале над 50.000 имигранти за просечна цена од 1.500 евра по лице/МИА

Слични содржини