Во својата владина декларација грчкиот премиер Ципрас објави дека става крај на штедењата. Компромисот меѓу Атина и меѓународните кредитори е сепак можен. И императив!-коментира Спирос Москову.


Кога се пресели во резиденцијата на премиерот, Алексис Ципрас, се пожали дека претходните станари изнеле сè, вклучувајќи и тоалет хартија. Саркастична забелешка предизвика голема смеа во Грција. Можеме сепак да ја толкуваме и поинаку: како знак дека во грчката политика недостасува континуитет.

И всушност: во првата владина изјава пред Парламентот Ципрас објави дека ќе води сосема поинаква политика од својот претходник, Антонис Самарас. Макар и на чело на една практично банкротирана држава, новиот премиер планира да воведе мерки за помош на послабите слоеви од населението, да се откаже од досегашната меѓународна спасувачка програма и да бара сосема нов договор со Европа.

Планот на Ципрас

Главните теми во владината декларација беа т.н. “хуманитарна криза” во Грција, огромната стапка на невработеност , рецесијата и државните долгови, кои продолжуваат да растат и покрај меѓународната финансиска помош. Ципрас откри освен тоа дека ќе ги продаде скапите владини автомобили и еден од трите владини авиони. Во Грција ова звучи како јасен сигнал за една нова и фер политика. Наскоро за сиромашните ќе има бесплатна струја и надоместоци за храна, нелегално отпуштените ќе се вратат на своите работни места, ќе биде зголемена и минималната плата.

Новата грчка влада сигурно ќе добие одобрение од Брисел барем за една од своите цели: борбата против корупцијата и затајувањето на данок. Но само добри намери не стигнуваат. Од избивањето на кризата пред пет години сите грчки влади громогласно ветуваат дека ќе го искоренат непотизмот и даночните измами, но резултатите досега се повеќе од скромни. И уште нешто: владата, на која на чело стои Ципрас, главните алатки на важечките досега спасувачки програми се дискутабилни. Партијата на Ципрас не одобрува приватизацијата, на пример, бидејќи смета дека тоа е “распродажба на јавното богатство”. А мерките за намалување на бирократијата во државниот апарат само ја зголемуваат невработеноста во земјата, сметаат во “Сириза”.

Владата во Атина планира да води нови преговори со меѓународните кредитори, но во моментов се чини дека нема што да им се понуди. ЕУ очекува дека Атина итно ќе побара продолжување на спасувачката програма, која истекува на крајот на месецот. Ципрас сепак вели дека воопшто нема намера да бара продолжување на оваа катастрофална политика на штедење. Тој очекува нешто сосема друго: преодна алатка која ќе му даде време до средината на годината. Според неговите планови, дотогаш неговата влада ќе може да предложи конечен и взаемно прифатлив план за решавање на проблемот со грчкиот долг.
Во моментов разноречието меѓу Атина и меѓународните нејзините кредитори изгледа неприфатливо. Но политиката секогаш успева да ја измери квадратурата на кругот и да постигне некаков договор. Веќе подолго време во Европа се зборува дека еврозоната нема да се сруши, ако Грција ја напушти. Сепак ова сценарио изгледа малку веројатно. Бидејќи, за разлика од Атина, Брисел практикува конзистентна политика и добро знае дека ќе мора да одговара на прашањето: Колку чини воопшто оваа еврозона, ако не може да ја спаси дури и најслабата членка? И што ќе се случи ако по евентуалното излегување на Грција меѓународните финансиски пазари ја земат на нишан тешка задолжената Италија? Со други зборови, во наредните денови Брисел и Атина ќе постигнат некакви компромиси.

За овие проблеми не е виновна Грција

Да не заборавиме дека за структурните проблеми на еврозоната не е виновна Грција. Тие се должат на фактот дека во заедничката валута во која учествуваат економии, кои се премногу различни една од друга. Оваа структурна грешка не може да се поправи ниту со спасувањето на Грција, ниту со излегувањето од монетарната унија. Значи Германија како најважна земја во еврозоната би требало да ги ревидира своите ставови за заздравување на економијата во болниот европски југ. Структурно слабите економии имаат потреба од добро балансирани мерки, кои вклучуваат и штедење и реформи, така и нови инвестиции и борбата против невработеноста. Бидејќи ако продолжи да се проширува јазот помеѓу овие земји и силните, просперитетни економии во европскиот Север, ќе настане експлозивна ситуација. Да не заборавиме дека “Сириза” не е само производ на нарушената рамнотежа во еврозоната. Последните анкети покажуваат дека и во Шпанија доаѓа крај на двопартискиот систем, а левото движење “Подемос” може да дојде на власт уште оваа година.

Слични содржини