Најавата на премиерот дека „оставката ќе се ефектуира 100 дена пред официјалниот датум на избори“, аналитичарите ја толкуваат како оставање простор за одложување на договорениот датум за избори.

gujco

Договорот од Пржино и одредбите во Законот за влада, покажуваат дека премиерот Никола Груевски доцни со депонирањето на премиерската оставка, чин кој го најави вечерва во официјално обраќање пред македонската јавност.

„Договорот опфаќа и времено повлекување на премиерот на 100 дена пред изборите. Навршуваат 100-те дена пред 24-ти април, денот за кој е договорено да се одржат избори и тоа е влезено во закон. Јас стојам и зад тој дел од договорот. Сакам конечно да се остави сета неизвесност, да се остават сите проблеми, конфликтност, зад нас. И сакам нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива. Утре изутрина до претседателот на Собранието ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата претседател на Владата која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на избори“, рече Груевски.

Но, точките 5 и 6 од протоколот на Договорот од Пржино од 2 јуни, потпишан на 15 јули 2015 година, точно објаснуваат на што се однесуваат „стоте дена пред избори“.

5. Актуелната Влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието навремено, за да се инаугурира нова влада на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори, кои ќе се одржат на 24 април 2016 година. На чело на новата влада ќе биде новиот премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата на оваа влада ќе биде ограничена на органзација на предвремените парламентарни избори.

6. Горенаведеното правило, дека актуелната Влада ќе поднесе оставка навреме, за да ја напушти функцијата 100 дена пред следните избори и дека ќе се именува нова влада, ќе се применува на изборите што ќе се одржат во април 2016, како и на сите следни избори, по неопходните законски измени кои ќе направат што е можно поскоро.

Подоцна, преку законски измени, ова решение стана дел од Законот за Влада (член 43).

„Сто дена пред одржувањето на изборите за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори за пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија“.

Според тоа, ако изборите треба да се одржат на 24 април, тогаш од утре тече рокот од сто дена, до кој треба да биде избрана нова влада, а не да се даде најава за оставка на премиерот. Оставката требаше да биде дадена претходно.

Текстот на Катерина Блажевска во целост прочитајте го тука

Слични содржини