Рокот на претседателот Ѓорѓе Иванов е пред крај. Тој и денеска може да му го додели мандатот  на Зоран Заев како претставник на парламентарното мнозинство. Иванов не мора да чека до петок да поминат сите 10 дена, тоа му го порачаа и Заев  и парламентарното мнозинство и меѓународните претставници кои секојдневно комуницираат со сите. Но тоа треба да  биде само негова одлука, а  не притисок од партиите на  власта на мнозинството или сега веќе опозиционата ВМРО ДПМНЕ.

На три дена до истекот на рокот за мандатот,  гаранциите се познати и веќе испеглани горе долу со кабинетите на Претседателот и идниот Премиер,  не се знае само дали и кога лидерот на СДСМ Заев ќе се сретне со претседателот Иванов.  

 Иванов по втор пат има уставен рок, овојпат до 19 мај да му го даде мандатот на Заев,  и според сите очекувања тој тоа може да го стори денеска или утре, затоа што непосредно пред истекот на уставниот рок, Иванов се подготвува да замине во странство. Неофицијално, Иванов треба да отпатува на 18 мај ,  на работна средба во странство.

Во секој случај и покрај влечењата и трошењето на времето, првин со конститутивната седница, па со службен весник  и објавата за избран нов спикер на Собранието , па ново писмо за известување за  формирано мнозинство во Собранието, според Уставот, „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“.

Прогнозите се дека овојпат Иванов нема да го избегне доделувањето на мандатот, иако  во Македонија се е можно , но сега и да не го даде, од парламентарното мнозинство најавија дека ќе формираат влада и без неговата протоколарна  согласност, и тоа директно со гласање во парламентот.

Во секој случај тајмингот завршува, нема повеќе одлагањена на процесот за формирање нова влада.

Слични содржини