Професорот Кекеновски уште лани во декември го најави постоењето на некаква неформална партиска алтернатива и го повика Заев што е можно побрзо да ја објави „бомбата“. На 8 февруари беше објавена информацијата за основање Форум на слободоумни патриоти, составен главно од актуелни и поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Досега многу ретко од ВМРО-ДПМНЕ доаѓаа информации за некакво внатрешно незадоволство на членството. Ова е првпат од партијата да доаѓаат информации за постоење на некаква фракција. Ви пренесуваме дел од интервјуто на Професорот Кекеновски дадено за МКД.мк

Зошто не го сторивте ова и досега? Со што калкулиравте? Дали тајмингот е случајно одбран со почетокот на објавувањето на бомбите на Заев?

– Зошто сега? Па нели е подобро сега отколку кога ќе биде доцна, т.е. кога партијата ќе отиде во непосакувана насока. Она што се случува на политички план јасно укажува дека работите одат во тој правец. Јас и членовите на Форумот партијата ја чувствуваме како дел од нашето битие, како наше чедо, наша творба и затоа не смееме да седиме на страна и да молчиме. Бомбите на Заев немаат врска со ова наше дејствување и организирање, бидејќи причините за нашето незадоволство траат од поодамна. Кога зборувам незадоволници, не мислам на незадоволни од тоа што досега не добиле некоја функција, туку пред сè на патриоти загрижени за опстанокот на државата, луѓе што не се согласуваат со подмолниот и кукавички начин на сè поголемата секојдневна поделба на граѓаните. Луѓе што сакаат држава на задоволни, а не на сиромашни граѓани. Бомбите на Заев со кои тој се заканува подолго време, се разбира доколку тие се вистинити, односно неисфабрикувани, само ќе придонесат за побрзо осознавање на вистината за однесувањето на дел од партиското раководство, а за кое подолго време јавно и полујавно се говори меѓу членството на партијата. Јас и Форумот, а верувам и најголем дел од многубројното чесно членство на ВМРО-ДПМНЕ, нема да дозволиме да се извалка и помати угледот на нашата партија од кој било, па дури тоа да е и претседателот на партијата. За нас сите се еднакви пред судот на партијата и државата. Секој оној што згрешил, оној што сторил нешто незаконско, нешто со кое му наштетил на угледот на државата и на државните интереси, сите ние ќе помогнеме истиот тој да си ја добие заслужената казна. Затоа побаравме побрзо да се излезе со тие „бомби”, односно со конкретни докази. Членството на ВМРО-ДПМНЕ нема и не смее да биде параван и заштитник на криминалните дејства на поединци. Напротив, сите ние ако се убедиме во валидноста на доказите, гордо и достоинствено ќе го зацврстиме единството во партијата, ќе настапиме сложно како во најтешките моменти за државата, партиски ќе ги казниме и ќе се ослободиме од таквите личности. Ние немаме потреба да ги наведнуваме нашите глави за тоа што некој стoрил нешто. Секој сам си ја сноси својата одговорност. Но исто така, доколку се утврди нешто друго, доколку некој сака на подмолен начин да нанесе несогледливи штети и последици по однос на безбедноста и стабилноста на нашата држава и на опстојувањето на нашата партија, тогаш ние ќе бидеме уште пожестоки и ќе бараме најтешка казна согласно со законите.

Повеќе ТУКА

Слични содржини