Македонија во НАТО, но прво името!

од Vladimir Zorba

 

Помошникот Генерален секретар на НАТО порача Македонија да се фокусира на внатрешната реформска агенда и добрососедството

 
„Бидете реалистични во очекувањата“ е пораката од НАТО до Македонија. Ја испорача помошникот Генерален секретар за јавна дипломатија – искусниот дипломат, Илдем Тачан, најави дека во наредните месеци земјата ќе биде во фокусот на Сојузниците, но истовремено кажа дека тоа не значи дека НАТО се обврзува на конкретни рокови.

„Одлуката од Самитот во Букурешт се` уште важи и беше повторена на ланскиот самит во Варшава. НАТО ќе ја покани вашата земја да и` се придружи на Алијансата штом се најде взаемно прифатливо решение за името. Затоа, повикуваме на интензивирање на напорите да се најде такво решение“, порача тој.

Но, не е само името во прашање туку и реформите за кои, според него, ЕУ и НАТО зборуваат со ист глас – владеење на право, независно судство, слободни медиуми, транспарентно работење. Вели дека имал добри и конструктивни состаноци со новата влада. Тачан е прв висок претставник на Алијансата што доаѓа во Скопје по промената на претходната власт за која дел од поранешните дипломати имаат сериозни забелешки за тоа во кој правец ја туркалa Македонија.

„Немаше чиста ориентација околу евроатлантските ориентации. Во еден период не знаевме дали е проруски ориентирана или пронато“, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

НАТО-претставникот ги слушна и стравувањата на дел од домашните аналитичари дека во овие услови Македонија не може да си дозволи ново разочарување како она во Букурешт 2008-та.

Политичкиот аналитичар Сашо Ордановски го поставува прашањето:

„Дали сте свесни дека уште едно разочарување за суштинско прашање за иднината на Македонија догодина да стане члена на НАТО може да ја уништи идејата за НАТО во Македонија?“

„Треба да имаме реалстична проценка за да не создадеме лажи очекувања и да се разочараме. Од минатото може да се влечат лекции, но она што сега треба е да се фокусираме на сегашноста и иднината“, кажа Илдем Тачан.

Тој ги повтори заклучоците од декемврискиот министерски состанок на земјите-членки дека НАТО има незавршена работа на Западниот Балкан и дека секоја од државите – аспирантки индивидуално ќе се оценуваат според сработеното. Македонија има два сета задачи – внатрешната реформска агенда и добрососедството во кое се и прашањата со Бугарија и со Грција.

VOA

Слични содржини