„Ми отиде детето од неранимајковци“, МВР интензивно трага, убиецот на Мартин 4 дена е во бегство

од desk2

Во интерес на истрагата не откриваме детали, заедно со обвинителството интензивно работиме на расчистување на случајот, велат од МВР за убиството на Мартин Јанушев (28) на 3 ноември во близина на „Ред кафе” во скопската населба Аеродром. „Немам зборови. Ми отиде детето од неранимајковци”, напиша таткото на Мартин на својот Фејсбук профил по погребот на син му.

Четири дена поминаа од убиството на Мартин, а полицијата не ги соопштува дури ни иницијалите на убиецот, за кои неколкумина сведоци на настанот рекоа дека го познваат. Наводно тоа бил Р.Т., познато лице од скопското подземје со дебело полициско досие и наводно поврзано со некоја нова агенција за обезбедување која се поврзува со власта.

По социјалните мрежи се објавуваат разни сценарија за убиството, за мотивите и за поврзаноста на Р.Т. и уште едно лице кое помогнало при убиството (Мартин беше застрелан со 4-5 куршуми во глава) со разни криминални сценарија.

Се разбира случајот зема и политичка димензија. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ сторителот е веќе избеган во една соседна држава, а тоа му го „овозможи ненавремената реакција на полицијата и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Зошто веднаш по убиството не беше направен обрач? Зошто веднаш по убиството убиецот не беше ставен на стоп-листа? Зошто не е распишана потерница по убиецот, ако знаеме дека при убиството во околината имало неколку очевидци, но и објекти кои се под видео надзор? Точно ли е дека убиецот и неговите соработници се блиски на актуелната власт? Кој им помогна да се засолнат и сокријат од правдата? Кога убиецот ја поминал границата и на кој граничен премин? Со чие возило? Кој го изнел од Скопје? Ова се прашања кои ќе имаа одговор доколку полицијата работеше професионално, а не по партиска наредба“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ и побараа оставка од министерот Спасовски.

Јанушев беше застрелан со неколку куршуми во петокот попладне 18 часот на улицата „Владимир Комаров“ во скопската населба Аеродром.

Во врска со овој случај се споменува и една порака по социјалните мрежи. На 3 ноември извесен Филип Секуловски излегува од затвор на слободен викенд и не се враќа, по што била распишана и потерница по него. Атанас Секуловски, лице кое се претставува како чичко на Филип, на Фејсбук го повикува внукот да се врати што и да направил, да се пријави за негово добро, а на извесен Раде му порачува да го ослободи Филип од секакви притисоци и да не манипулира со него. Името Раде се поврзува со иницијалите Р.Т., лицето кое според сведоци наводно го извршил убиството. „Ако е маж нека не те злоупотребува и нека те ослободи од секакви притисоци, јас знам дека е така како што велам“, порачал Атанас.

Убиството на фудбалерот Мартин Јанушев засега останува мистерија. Истрагата е во тек.

Мартин Јанушев беше фудбалер.

Тој е роден на 28.07.1989 во Скопје. Последен пат има играно за Локомотива, а претходно во Маџари Солидарност и 11 Октомври.

Неговиот брат е командир на вод во полициската единица „Алфа“, а неговиот татко е пензиониран полициски командир./МКД

Слични содржини