Од „За заедничка Македонија“ бараат средба со еврокомесарот Хан

од Vladimir Zorba

Од „За заедничка Македонија“ бараат средба со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, кој во вторник доаѓа во Македонија.

Ова денеска го соопшти членот на иницијативата и директор на Македонската опера и балет (МОБ), Игор Дурловски, кој рече дека никој „не смее, не треба и не може да ги игнорира 200 илјади граѓани кои секојдневно протестираат“.

– Бараме господинот Хан да се сретне со нас за да може да му ги претставиме нашите цели и барања кои се фиксни и непроменливи. Нивното игнорирање и игнорирањето на нашите барања може да создаде само дополнителни ризици. Ако ЕУ е за почитување на граѓанско општество тогаш треба да покаже дека декларативните заложби не се само флоскули, туку треба да преземе конкретни дела, а за почеток може да прифатат средба со нас. Игнорирањето од страна на Хан ќе го сметаме за неискрен однос и приказ за не добри цели и намери на ЕУ кон Република Македонија – рече Дурловски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во петокот изјави дека неговата партија ќе достави три барања до еврокомесарот, односно дека ќе бара од Хан да ја осуди „Тиранската платформа“, да го испочитува правилото за коалицирање „победникот со победникот“ и да ги земе предвид протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“./META

Слични содржини