Пратениците поделени околу членовите на Комисијата за избори и именувања

од desk2

На денешното трето продолжение на конститутивната седница на Собранието, пратениците малку дебатираа за единствените точки на дневниот ред, избор на членовите и на претседателот на Комисијата за избори и именувања.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски истакна дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „делат лекции кој треба да биде избран за член на комисијата, а не дебатират што 10 години поддржуваат власт која ги сруши институциите во Македонија“.

„Вие воспоставувате правила и критикувате кој треба да биде член на Комисијата за избори и за именувања што е спротивно на законите и на уставните норми. Секој што е пратеник може да биде член и немате право да го ограничувате членството на никој. Зошто некој што поддржувал злосторничко здружување и криминал може се, а некој што го искористил демократското право на протест не може да членува,“ истакна Спасовски.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ана Лашкоска рече дека за во Комисијата предложени се „луѓе кои со месеци ги уништувале државните институции, спомениците, Собранието и луѓе кои ќе го сотрат семето на ВМРО-ДПМНЕ кој е во генот на секој Македонец.“

Пратениците и на оваа, како и на седниците изминатите два дена, повеќе дебатираа за платформата на албанските партии, како и за зачувување на унитарноста и на суверенитетот на државата.

Зијадин Села од Алијансата на Албанците рече дека стои на располагање да одговори на какво било прашање во однос на декларацијата на албанските партии и предложи СЈО да биде уставна категорија, да има специјален суд, сите пратеници да се откажат од имунитетот за да може да одговараат.

Села на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски му рече дека тој „нема проблем со идентитетот на народите“.

– Никогаш не сум рекол дека Македонците се геноциден народ, тоа го кажавте вие. Истиот проблем го имате и со Грција и со Бугарија, вие најмногу треба да не сфатите во однос на прашањето за јазикот. Престанете со овој театар – рече Села.

Димовски потенцираше дека со платформата не се решаваат туку дека се продлабочуваат проблемите, и дека таа е потпишана од премиер на туѓа држава кој имал лични релации со Џорџ Сорос.

– Судирот кој ВМРО-ДПМНЕ го има со Еди Рама е поради неговата блиска релација со Џорџ Сорос и тој е единствениот премиер од Балканот кој бил на свадбата на неговиот син. Јас ви предлагам, да потпишеме декларација истите права што ги имаат Албанците во Македонија да ги имаат и Македонците во Албанија – рече Димовски.

Седницата заврши во 18, а ќе продолжи утре во 11 часот./Мета

Слични содржини