Пресврт во рејтингот во најновата анкета на Брима галуп: Заев прв, Груевски падна на второто место

од desk3

Но, треба да се нагласи дека во вкупниот електорат скоро секој петти граѓанин е неопределен (17,7%).

Најновиот Политички барометар на БРИМА е спроведен непосредно по изборот на новата Влада на Република Македонија (од 2 до 12 јуни 2017) и затоа може да се каже дека податоците од истражувањето непосредно ги рефлектираат импресиите во јавноста по изборот на новата Влада.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека исто така дошло и до промени во рејтингот на политичарите.

Во политичкиот барометар е истражувана и перцепцијата на граѓаните на позитивната листа каде граѓаните се определувале за еден политичар во кого имаат најголема доверба.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека во вкупниот електорат сега на позитивната листа води Зоран Заев со 17.7%, a Никола Груевски заостанува зад него за 4.7%, за кого се определиле 13.0% граѓани од вкупниот електорат. Зоран Заев е во предност во сите сегменти од електоратот по етничка линија пред Никола Груевски. Али Ахмети во албанскиот сегмент од електоратот има предност пред Зијадин Села и Билал Касами. За Али Ахмети како политичар во кого имаат најмногу доверба се определиле 23.8% етнички Албанци, за Зијадин Села се определиле 15.9%, а за Билал Касами 13.9%. Сепак, во вкупниот електорат во најголем број се граѓаните кои немаат доверба во ниту еден политичар (29.8%).

Анкетираните граѓани во истражувањето се определувале и во кој политичар имаат најмала доверба. На негативната листа на политичари 27.6% анкетирани граѓaни на ова прашање одговорија дека најмалку доверба имаат во Никола Груевски, а веднаш зад него е Зоран Заев со 18.7% негативни гласови. Во сегментот од електоратот што го сочинуваат етничките Македонци Зоран Заев и Никола Груевски на негативната листа се изедначени со по 26.1%. Но Никола Груевски е негативно оценет од страна на 25.6% етнички Албанци наспроти само 0.3% негативни гласови за Зоран Заев во овој дел од електоратот. А таква е и „сликата“ помеѓу
припадниците на електоратот од другите етнички заедници. Помеѓу нив Никола Груевски е негативно оценет од 41.3%, а Зоран Заев од 18.3%.

На ниво на вкупниот електорат резултатите од истражувањето покажуваат дека 16.5% од анкетираните за сите политичари имаат негативно мислење.

БРИМА е Македонски член на Gallup International. Теренското истражување БРИМА го спроведе од 2 до 12 јуни 2017 година. Во истражувањето беа опфатени 1193 граѓани на возраст од 18+ години. Примерокот на истражувањето е национално репрезентативен и ја репрезентира популацијата по пол, возраст, етничка припадност, место на живеење (село –  град) и 8-те региони во Република Македонија. Интервјуата се реализирани лице в лице во домот на испитаникот, со примена на TAPI (Tablet Assisted Personal Interviewing) метод.  Маргиналната грешка изнесува +/- 2.84% на ниво на доверба од 95%. БРИМА е сопственик на податоците од Политичкиот барометар.

Слични содржини