Сеад Кочан останува на слобода, Кривичниот совет ја одби жалбата на СЈО

од Vladimir Zorba

Осомничениот бизнисмен Сеад Кочан останува на слобода. Кривичниот совет донесе одлука со која ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство и го потврди решението на судијата на претходна постапка кој не го прифати предлогот на СЈО за притвор на Кочан.

Од судот посочуваат дека течат роковите во однос на висината на гаранцијата од скоро еден милион евра што Кривичниот суд ја прифати за Кочан да може да се брани од слобода. Не се исклучува можноста СЈО да поднесе нова жалба во однос на висината на гаранцијата.

Кривичниот совет вчера час и половина заседаваше по жалбата на СЈО кое не отстапува од барањето за одредување притвор за осомничениот бизнисмен Сеад Кочан. Според обвинителите од СЈО, гаранцијата од еден милион што ја понуди осомничениот Кочан и обврската да се јавува еднаш неделно во Кривичниот суд, не е доволен доказ дека тој нема да го повтори делото и повторно да избега, а тоа го поткрепија и со фактот што неговата фирма „Трансмет“ се уште добива државни тендери како што е последниот со државната ЕЛЕМ.

Обвинителот од СЈО, Гаврил Бубевски, пред да влезе на расправата изјави дека доколку Кривичен ја одбие жалбата тоа е конечна одлука, но бидејќи се работи за процесни одлуки и ако постојат нови причини можат повторно да предложат мерка притвор.

Од друга страна, одбраната на Кочан смета дека висината на гаранцијата е доказ дека осомничениот нема да го повтори делото. За адвокатот на Кочан, Никола Додевски, е нејасно зошто СЈО инсистира на притвор.

Инаку, Кочан е првоосомничен во случајот „Труст“ што го отвори СЈО и се товари дека заедно со фирмите „Силекс неметали“ и „ВАТО“ со фалсификувани документи, од државната ЕЛЕМ добиле тендер и го оштетиле буџетот за 17 милиони евра.

Слични содржини