Што по бранот оставки во ДКСК?

од desk2

Се комплетираат оставките во Државната комисија за спречување на корупција, јавува МИА. Во понеделник првата оставка ја поднесе поранешниот претседател, Горан Миленков, по него следуваше оставката на сегашниот претседател на ДКСК Игор Тантуровски, а вечера и членовите Сејди Халили, Фарие Алиу и Жаклина Дамчевска.

Остануваат уште двајца членови на ДКСК м-р Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски, од кои исто така се очекува да поднесат оставка.

ЦИВИЛ излезе со информации базирани на конечниот ревизорски извештај на УЈП според кој можат да се утврдат коруптивните елементи на Антикорупциска.

Според извештајот, што се однесува на процесот пресметување и исплата на платите и другите надоместоци на избраните и именувани лица и државните службеници, на одговорност се повикуваат и Софка Пејговска Дојчиновска, Државен секретар до 18. септември 2016, Розета Трајан, Државен секретар од 19 септември 2016, Даниела Трајчевска, раководител на одделение за финансиски прашања и Сатула Суљимани, советник.

Со оставките не би смеело да заврши процесот на прочешлување и разоткривање на корупцијата во ДКСК. Она што се очекува во следниот период од надлежните институции е истрага колку длабоки се корените на корупцијата и кој и како ќе одговара за злоупотребите на службената должност во ДКСК.

Оставките не треба да останат само на честитки од Владата и долгометражна истрага на Јавното обвинителство, туку целосна одговорност и санкционирање на оние што евидентно вршеле корупција.

По оставките, според законот, членовите на ДКСК можат да поднесат барање за апанажа. Во тој случај одлуката ќе ја донесе Комисијата за прашања за избори и именувања. Пулсот на јавноста укажува да не се повтори истата грешка како со ДИК. Овој пат има доволно индиции за негативен одговор од Комисијата./CivilMedia

Слични содржини