Денеска (1.07) пред македонската јавност ќе го соопштам својот став за одлуката на судот, најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако вчера Кривичниот суд го прифати обвинителниот акт против него за случајот „Пуч“ и ги отфрли приговорите на одбраната. Ваквата одлука на судот беше соопштена еден ден пред закажаната јавна расправа за оценка на обвинителниот акт за предметот во кој Заев е обвинет за примање поткуп од струмички бизнисмен.

Заев: Не може Влада предводена од Груевски да ги организира изборите

Лидерот на СДСМ, кој интензивно учествува на лидерските и консултативни средби од кои треба да произлезе договор за излез од кризата, веќе неколку месеци има други неодложни маршрути кои водат исклучиво кон две дестинации: судот во Скопје и судот во Струмица. Тој е четвртообвинет во случајот „Пуч“ и се товари за насилство кон високи државни функционери. Еден од тие функционери е премиерот Никола Груевски, кој лично го пријавил Заев во МВР за „делото“ и ќе биде клучен сведок во процесот. Во меѓувреме заедно со Заев преговара за решение за излез од кризата.

Очекувана одлука!

Правни експерти со кои разговараше Дојче веле, во ваквата одлука на судот ги препознаваат сите „симптоми и болести“, поради кои и досега од релевантни меѓународни организации судството беше оценето како високо зависно и политички контролирано.

„За познавачите на домашните прилики во правосудството, одлуката на судот е очекувана“, вели Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет на УКИМ.

„Во практика, при контрола на обвинението, судот извонредно ретко му опонира на јавното обвинителство, со што потфрла во, со уставот и законот доверената функција, на заштитник од неосновани кривични прогони. Второ, на сите им е јасно дека во случајот постои огромен притисок врз судот и обвинителството. Тоа е констатирано во сите релевантни домашни и странски извештаи, од кои последните се на експертската група на ЕК предводена од Прибе и на Стејт Департментот. Но, во секое зло има и нешто добро, вели народот. Можеби е добро тоа што јасно се гледа дека нема никакви надежи со оваа влада да се надмине правната и политичката криза, со некаков ургентен акциски план или нешто слично. Да не се лажеме – на сите им е јасно дека се работи за политички монтиран процес“, вели Калајџиев за Радио Дојче Веле

„Токму извештајот на Прибе е сосема спротивен од тврдењата на полицијата и на обвинителството во однос на тоа кој ги вршел масовните прислушувања. Но од друга страна, судењето ќе има позитивен ефект бидејќи може да придонесе вистината полесно да излезе на виделина. Ова, се разбира, под услов судењето да биде јавно и со можност ефикасно да се тестира веродостојноста на предложените докази. Ако пак имаме судење како оние на Љубе Бошковски, со исклучување на јавноста, со анонимни сведоци и слични интриги, ќе знаеме дека процесот е монтиран и за тоа еден ден некој ќе треба да одговара. За обвинението за ‘присилба’ ќе повторам дека е срамно и дека за тоа некој исто така еден ден ќе треба да одговара“, смета Калајџиев.

Целиот текст прочитајте го тука

Слични содржини