УХРМ предупредува на одрони и свлечишта поради поројниот дожд

од Vladimir Zorba

Управата за хидрометеролошки работи попладнево предупреди дека поради најавите за локален пороен дожд и грмежи можна е појава на одрони и свлечишта. Се препорачува внимателно движење покрај суводолиците каде е можно брзо надоаѓање на вода.

– Особено треба да се внимава на локации каде водотеците и суводолиците се пресечени од патишта и разни премини и каде има било какви стеснувања на водните правци, се вели во соопштението од УХРМ.

Оттаму укажуваат дека во услови на нестабилност и локални интензивни врнежи можно е на удар да бидат суводолиците и водотеците со мали сливни површини кај кои брзо се формира речното истекување.

– Доколку процесите бидат поинтензивни и на мала површина за кратко време наврне поголема количина на дожд можно е брзо зголемување на водостојот, а при екстремни врнежи можно е и локално излевање на суводолиците и помалите реки. Ова особено се однесува на водотеците од Скопската Котлина и од масивот на Скопска Црна Гора каде според синоптичарите за кратко време се очекуваат големи количества на врнежи, посочува УХРМ.

Слични содржини