ВМРО-ДПМНЕ преговараше самоуверено, изјави премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, откако на средбата во Пржино, во посредство на еврокомесарот, Јоханес Хан и тројцата европратеници, беше постигнат договор меѓу четирите политички партии за надминување на политичката криза.gruevskipres15juli

Како што рече премиерот, опозициската СДСМ денес правела напори да пропадна договорот од 2-ри јуни.

– Правеа напори да нема избори во април затоа што се свесни дека ќе ги загубат. Денес СДСМ беше приклештена да не може да избега од избори. ВМРО-ДПМНЕ не им остави ни најмал простор да избегаат од изборите. ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател, како и секогаш до сега, интересите на држава и народот ги ставивме пред личните и партиските – рече Груевски.

Премиерот е задоволен од договореното, рече дека политичката криза е решена и дека остануваат отворени европските перспективи за земјата.

Постигнат е договор, додаде, СДСМ да се врати во парламентот на први септември. Договорено е како системско решение од сега па на сите наредни парламентарни избори, 100 дена пред изборите, Владата да се повлече и да се формира Влада за спроведување на изборите.

– Во нашиот случај ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за период од 100 дена, почнувајќи од 15-ти јануари до изборите на 24-ти април 2016. Се согласивме, почнувајќи од 20-ти октомври, СДСМ, по претходна консултација со ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи, личност која не се поврзува со ниедна партија – рече Груевски.

СДСМ ќе предложи на истиот датум министер за труд и социјална политика. Договорот вклучува за МВР и за труд и социјална политика ВМРО-ДПМНЕ да именува свои заменици со право на увид и вето за сите прашања поврзани со изборите. СДСМ такви заменици министри ќе предложат за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.

Сите преостанати сегашни министри, рече премиерот, ќе останат во Владата до денот на изборите.

Договорено е и до 15-ти септември да се избере обвинител кој ќе ги води истрагите околу прислушуваните комуникации, а кој ќе биде избран согласно сите четири партии.

Слични содржини