Ниту еден македонски граѓанин не смее да биде под притисок за време на изборите и секој треба да гласа по сопствена волја, вели во интервју за Телма, Роберт Бершински, функционер во одделот за демократија и човекови права во американскиот Стејт департментот, со него разговараше Атанас Кировски.

kirovski-bersinski[1]

Бершински нагласува дека тоа што на 20 февруари САД и Европската унија ќе го оценуваат се критериумите за избори кои се наведени во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, а кои Бершински ги нарекува златен стандард за избори.

Телма: Г-не Бершински, добре дојдовте во Македонија. Кажете ни за целта на вашата посета во Скопје, Македонија?

Бершински: Секако. Ова е важно време за да се биде тука во Македонија, сигурно сте свесни за тоа. Се надевам дека приоѓаме кон разврската на серијата чекори после договорот во Пржино. Ова е движење коешто луѓето во Вашингон будно го следат и се надеваме дека процесот ќе добие позитивен крај. Мојата цел на посетата е средба со членовите на владата, и со бранителите на човечките права и граѓанските општества и да добијам широк пресек на гледишта до каде сме со имплементацијата на договорот.

Телма: Сакате да кажете дека сте овде за проценка дали државата е подготвена и дали сите предуслови се исполнети за изборите на 24 април?

Бершински: Точно така. САД и ЕУ рекоа дека ќе направиме проценка на 20 февруари, според неколку критериуми. Критериумите се добро познати. Имавме многу разговори со повисоки членови на владата, и претходно разговаравме, но и за време на мојата посета овде. Ќе ја надгледуваме работата на ДИК и степенот до кој тоа тело има соодветен персонал за да го истурка својот мандат во однос на прочистувањето на избирачкиот список и спроведување вкрстени и теренски проверки.

Многу сме заинтересирани и за медиумските реформи со коишто медиумите можат да обезбедат околина за фер и слободни избори. Заинтересирани сме и за  условите со коишто би се заплашиле гласачите и им предочив на сите партии дека ниеден Македонец не смее да има притисок на гласањето.

Телма: Спомнавте дека тие критериуми доаѓаат од медиумите. Знам дека некои работи во медиумите се уште не се завршени, посебно новиот закон за медиумите или амандманите на досегашниот закон за медиумите. Дали главните партии можат да постигнат договор? Што очекувате во врска со тоа?

Бершински: Ги кажавме нашите очекувања, а уште поважно и партиите ги кажаа нивните очекувања. Сите партии од договорот во Пржино беа децидни дека ќе дојде до некакво решение кое ќе биде прифатливо за сите, во однос на медиумите. Како и за се, САД се партнер за народот и владата на Македонија и сакаме да ви пружиме поддршка и наши експертизи, но сепак партиите мора да одлучат за понатамошниот тек.

Телма: Дискутираме за договорот во Пржино и се друго, но крајна цел е дека треба да имаме фер и чисти избори. Претходно спомнавте дека не сакате ниеден Македонец да биде заплашен и сите треба да ја искажат својата волја на денот на изборите, но би се задржал на вредноста на изборите. На минатите парламентарни избори во 2014, ОБСЕ го употреби терминот, “ефикасно спроведени избори.” Сега, од “фер и демократски избори” се движиме кон “веродостојни избори.” Дали ни паѓаат критериумите од добри и фер демократски избори кон нешто прифатливо?

Бершински: Не. Целта не е да се намалат стандардите за тоа што е прифатливо во однос на изборите. ОБСЕ и ОДИХР во нивните извештаи го поставува златниот стандард за тоа како изгледаат слободни и фер избори. Тие критериуми им се добро познати на сите партии и според тие критериуми САД и ЕУ ќе ја извршат својата проценка за кратко време.

Телма: Што мислите за тоа ако изборите се пролонгираат, да речеме за еден месец? Дали тоа може да го загрози договорот од Пржино?

Бершински: Не сакам да шпекулирам за тајмингот во овој момент. Го одредивме датумот за проценка и на тој ден ќе одредиме до каде сме. Сепак, главната цел беше да имаме слободни и фер избори и да се реши политичката криза со договорот од Пржино, се да си оди по својот тек и да имаме позитивно решение.

Телма: Едно хипотетичко прашање зашто ова прашање е важно за македонската иднина. Што ако вашата оценка е дека изборите треба да се одржат на 24 април, а опозицијата не учествува на изборите. Претпоставувам дека тоа би резултирало со негативен извештај од Брисел и би ја загрозило нашата интеграција во ЕУ и НАТО. Не сакаме да го видиме тоа. Каква би била политиката на САД во однос на тоа прашање?

Бершински: Не сакам многу длабоко да навлегувам во хипотетички ситуации, имаме уште време, има уште многу работа којашто треба да се сработи од сега па до датумот за оценка. Според тоа, нашата порака за политичко учество беше јасна уште од почетокот. Би сакале сите партии да учествуваат во фер и слободни избори. Според тоа, треба да има услови за такви веродостојни избори. Кон тоа се стремиме, тоа беше главната тема на мојот разговор со претставниците од владата за време на мојот престој. Како што реков, треба да се сработи уште многу, но не сакаме да прејудицираме што ќе се постигне за неколку недели или месеци.

Телма: Г-не Бершински, го спомнавме договорот од Пржино, преговорите, и крајната цел од сето тоа е дека Македонија треба да излезе од оваа длабока политичка криза. Какви се вашите очекувања? Дали овие избори би ја решиле кризата и Македонија би влегла во мирен и стабилен период, или можеби овие избори ќе не турнат во уште подлабока политичка криза, посебно ако опозицијата ги бојкотира изборите?

Бершински: Се согласувам со вас. Крајната цел е да се извади Македонија од политичката криза. САД и ЕУ не би сакале да видат пример на обично согласување со коешто би ги исполниле чекорите на коишто партиите се согласија во договорот во Пржино, но сепак политичката криза би станала нерешена. Мислам дека тоа е клучно за изборите, да се постават услови за избори кои не се само фер и слободни, туку и би ја ставиле Македонијана подобар курс кон иднината, кон Евро-Атлантски курс.

Телма: Пред неколку дена, американскиот амбасадор во ОБСЕ во Виена рече дека треба да престане притисокот врз специјалниот јавен обвинител и дека владината партија треба јавно да го поддржи специјалното обвинителство. Дали и за тоа разговаравте со политичките партии?

Бершински: Во неколкуте мои средби разговаравме за сите аспекти на договорот од Пржино, а специјалниот обвинител е главен аспект за одговорноста во Македонија и главен аспект од договорот во Пржино во однос на постигнување напредок. Како што сте слушнале од нашиот амбасадор во ОБСЕ, наше гледиште е дека таа позиција не треба да биде политизирана, дека таа личност треба непречено да си ја работи работата која е витална за напредокот на државата.

Телма: Без оглед на овој процес, дали партнерството помеѓу Македонија и САД ќе продолжи и понатаму?

Бершински: Имаме многу јако партнерство и отворена намера на САД… е и натаму да се одржи тоа јако партнерство. Затоа сум овде, да работам на тоа, моите колеги во Вашингтон се фокусирани на тоа, и затоа амбасадорот Бејли и амбасадата на САД се фокусирани на тоа секој ден.

Слични содржини