Пратениците во Собранието на Република Македонија со едноминутно молчење за загинатите во поплавите, ја почнаа денешната седница.

Благоја Стојановски од СДСМ, рече дека жртвите не можат да се вратат, но може да им се помогне на оние кои трпат невидени штети.

– Денеска состојбата е тешка. Треба реконструкција на домовите која ќе трае со месеци. Сакаме итно, наредната недела да им се даде авансна помош на настраданите за да почнат да ги санираат домовите. Минимум 50 евра по метар квадратен од поплавена површина. Сумата која ја предвиде Владата е многу мала.Помош треба и за оние оние кои се занимаваат со земјоделство. Носителите на власта имаат кривична и секакаква друга одговорност затоа што „дозволија еден неколкучасовен дожд да направи таква катастрофа со 22 загинати“ – рече Стојановски.

Никола Тодоров, министер за здравство истакна дека дождот и невремето кое го зафатија Скопје и околината е редок феномен против кој нема спас.

– Тоа беше природен феномен кој се случува еднаш на 10 века и не можеше да се спречи. И најјаките земји се немоќни пред природните феномени. Не е време за дискусии, сега е време за работа и ајде со лопата во рака. Сакам објективно да кажам дека на терен видов луѓе од СДСМ, ДПА, ДУИ, Социјалистичка партија и благодарност до сите вас кои сте помогнале и сте направиле добро дело. Ние ќе бидеме на терен до последната улица, се што е уништено ќе биде повторно создадено – рече Тодоров.

 

Беким Фазлиу од ДПА побара кривична, морална и политичка одговорност од власта.

СДСМ бара од утре, до крајот на иднава недела, Владата да им исплати прва рата парична помош на поплавените жители на Гази Баба, а која би изнесувала по 50 евра од метар квадратен поплавена површина.

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, зборуваше за помошта која ја пружа АРМ на терен, директно помагајќи им на лицата погодени од поплавите.

– Ангажираниот персонал од составот на армијата во кризните региони е распореден во пет сектори. Првиот сектор е Стајковци, каде има потреба од 150 до 300 лица, војници. Вториот сектор е Сингелиќ и Арачиново, третиот сектор е село Црешево, Смилковци, Раштански пат и Булачани. Четвртиот сектор е Инџиково, а петтиот Шипковица и тетовско, каде се ангажирани одреден број на воојници за да се спречат евентуални дополнителни штети на тој терен – рече Јолевски на денешната собраниска седница посветена на поплавените региони.

 

META

Слични содржини