ВМРО-ДПМНЕ: Изјавите на Коѕијас не одат во прилог на добрососедските односи

од desk2

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО уште во 2008 година на самитот во Букурешт, а само заради непринципиелната блокада од страна на Република Грција во моментов Македонија не е членка на НATO.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека процесот веднаш треба да се деблокира и да се исправат неправедните одлуки. Република Македонија заслужува да стане членка на НАТО што е можно побргу. Со нашето учество во меѓународните мисии, сите овие години покажавме дека имаме капацитет и знаење да бидеме рамноправен партнер. Изјавите на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во кои се повторуваат црвените линии на Република Грција не одат во прилог на добрососедските односи. Со изјавата дека Република Македонија ќе може да стане членка на НАТО дури откако ќе се реши проблемот кој Грција го има со нашето име, Коѕијас не придонесува за надминување на проблемот“, се вели во реакцијата од партијата.

Сметаат дека напоменувањето дека Грција нема да потклекне под притисоците за зачленување на Република Македонија во НАТО под времената референца може да доведе до дополнително закопување на двете страни во сопствените ровови.

Слични содржини