Ќе биде ли ова првата Влада во која Македонците ќе бидат малцинство? „Поопасно е функционерите да не се соодветни и да не си ги извршуваат функциите“

од Nikola Popovski

Алијанса за Албанците е многу блиску до влез во Владата откако начелно се договорени програмските определби и дел од кадровските решенија со премиерот Димитар Ковачевски. Се навестува дека партијата на Арбен Таравари ќе добие две министерски, како и две заменички места. Меѓу дел од јавноста преовладува мислењето дека со тоа се зголемува бројот на министри Албанци во однос на министрите од македонскиот блок. Кругови блиски до опозицијата сметаат дека ваквиот процес води кон дејтонизација и дека Македонците ќе бидат малцинство во Владата доколку има повеќе министри Албанци или од различни националности.

Политичкиот аналитичар Бесим Небиу во разговор за „Локално“ вели дека опасност за дејтонизијација не постои.

Бесим Небиу

-Затоа што во Босна и Херцеговина има 14 влади и премиети (1 кровна, 13 федерални и кантонални), додека Македонија е унитарна држава со 1 влада, еден премиер и еден буџет, дециден е Небиу.

Што се однесува до етничкиот баланс на министри во Владата, потенцира аналитичарот дека едноставно таква е оваа композиција на односи на политичката сцена.

-И во 2016 и во 2020 година, СДСМ нема повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ, туку со помош и во коалиција со албански партии и во двата наврати прави Влада, и тоа не со една туку со повеќе албански партии. Од друга страна, ВМРО -ДПМНЕ во моментов нема никаков коалициски потенцијал со албанските партии, поради своето сркшнување кон десно, и тоа се разбира претставува проблем за неа во пресрет на следните парламентарни избори, порачува Небиу.

Тој го коментираше и самото влегување на Алијанса во Владата.

-Влегувањето е работа на политичка проценка и одлука на оваа партија во однос на нејзиното натамошно делување. Со АА не се обезбедува мнозинство за уставни измени, но дефинитивно се онебозможуваат предвремени избори што се чини е главнага причина поради која СДСМ и ДУИ, но и меѓународниот фактор инсистираат на овој потез, ни кажа Небиу.

Пратеникот и лидер на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим го оценува за дефокусирање на јавноста тоа што се зборува за бројот на министрите од различни националности.

Енес Ибрахим

-Затоа на државата ни е потребна сериозна и одговорна опозиција и државнички однос кон стратешките цели. Сѐ додека тоа не се случува, политичките вредности ќе бидат такви какви што се сега, вели тој во разговор за „Локално“ и додава:

-Веќе сме 21. век. Апсурдно е да разговараме за етничката припадност на функционерите. Не гледам никаква опасност доколку одредена етничка заедница се повеќе застапени во извршната власт или на друго поле, доколку ги исполнуваат критериумите и се однесуваат одговорно и државнички. Поопасно е функционерите да не се соодветни и да не можат да си ги извршуваат своите функции. Уште поопасно е ако се сомнителни личности во однос на корупцијата. Без разлика на етничка припадност според мене функционерите мора да ја извршуваат своите задачи професионално но и транспарентно, дециден е Ибрахим.

Прифаќајки ја реалноста на опшеството и државата, пратеникот информира дека тоа нема да се случи односно соодветната и правичната застапеност ќе се запази и ќе се почитува амандман 6 од Уставот.

-За жал живееме во едно опшество каде сме поделени по секој основ. Тука гледам друг проблем што политичката елита недоволно обврнува внимание на помалку бројните етнички заедници. Сметам дека помалку бројните етнички заедници немаат доволни механизми да се афирмираат и да докажат дека можат да се носат во своите функции. Или да бидат пример за сите. Во државава има интелектуалци, храбри, силни и вредни луѓе и од помалку бројните етнички заедници. Но за тоа треба сите заедно да се залагаме за да ги срушиме стереотипите, објаснува соговорникот.

Професорот Самоил Малчески се сложува дека воопшто не е битно од која етничка заедница се министрите ако тие се истакнати стручњаци и професионалци.

Самоил Малчески

-За жал, во оваа Влада такво нешто немаме, составена е од особи без професии, без лични и професионални успеси, и тоа е основен проблем за лошите состојби во кои се наоѓа Република Македонија. За жал, ние и во 21 век кога светот ита со светлосна брзина кон техничко-технолошки развој, ние говориме за етнички поделби и некаква си дејтонизација на Македонија, реторика која единствено и одговара на актуелната Влада. Со самиот прием на Македонија во НАТО, сите тие такви приказни паѓаат во вода, единствено за што може е да се користат за дневно политички цели и заплашување на народот, вели Малчески во разговор за „Локално“.

Во сценарио на „дејтонизација“ Малчески не верува, ниту пак гледа капацитет некој да го направи, но смета дека дојде до такво нешто, тогаш најмногу би изгубил народот.

-Политичките квазиелити кои моментално се на власт во Македонија и понатаму како паразите ќе продолжат да живеат прикачени на буџет и да уживаат во државните привилегии. Народот и понатаму ќе мизерува и својот опстанок ќе го бара надвор од границите на Република Македонија, посочува Малчески.

За извесниот влез на Алијанса во Владата, професорот вели дека петта година по ред Собранието на Република Македонија не функционира.

-Со почеток на новата година парламентарното „мнозинство“ не може да се собере за да одржат една пленарна седница. Оттука, овој обид на Ковачевски за влез на Алијанса во Владата му е последниот очајнички обид да биде на власт уште неколку месеци. Пораките кои коалиционите партнери си ги праќаат во јавност говорат дека освен пазарлук, ништо друго не ги интересира, а најмалку иднината на Македонија. Па оттука, овој процес е на штета на државните интереси и Македонија долнително ја прави заложник на оваа најнеуспешна Влада, порачува Малчески.

Н.П.

Слични содржини