Џонсон: Германија сакаше Украина да се откаже, Французите ги негираа случувањата

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон во интервју за Си-Ен-Ен зборуваше за почетоците на руската специјална операција во Украина.

Во интервјуто тој објасни како меѓу европските земји имало различни мислења за рускиот напад во февруари.

Во текот на разговорот Џонсон истакнал дека Франција и Германија имале сосема различни толкувања на овој настан во споредба со другите европски земји.

„Германскиот став во една фаза беше таков што тие рекоа дека ако треба да има инвазија, што ќе биде катастрофа, тогаш ќе биде подобро целата работа да се заврши брзо и Украина да се откаже. Мислам дека тоа беше катастрофален поглед на работите, но можам да разберам зошто размислуваа така“, изјавил Џонсон.

Како една од причините зошто Германија размислувала така, Џонсон ја наведе енергетската зависност на земјата од Русија.

Друга земја чиј пристап поранешниот британски премиер го критикуваше е Франција.

„Не се сомневајте, Французите до последен момент ги негираа случувањата на теренот“, изјави Џонсон.

Третата земја на која се осврна беше Италија, тогаш предводена од премиерот Марио Драги.

„Неговата влада во тој момент рече дека нема да може да ја поддржи позицијата што ја заземаме со оглед на тоа дека Италија масовно се потпира на руските енергетски извори“, рече тој.

Ставовите се сменија по почетокот на инвазијата, изјави поранешниот премиер на Британија.

„Она што се случи беше дека сите, Германците, Французите, Италијанците, Американците, видоа дека едноставно нема друга опција. Едноставно не можете да преговарате со Путин. Тоа е клучната работа. Јас му оддавам признание на начинот на кој ЕУ постапи. Санкциите беа силни, а одговорот заеднички“, изјави поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон.

Слични содржини