14. август прогласен за Ден на солидарноста во Словенија, ситуацијата полека се смирува

од Nikola Popovski

Премиерот на Словенија, Роберт Голоб денеска соопшти дека владата на таа земја одлучила 14 август да го прогласи за ден на солидарност поради поплавите во кои загинаа шест лица.

Владата одлучи 14-ти август да биде Ден на солидарноста. Денот кога цела Словенија ќе застане заедно и кога секој од нас ќе го даде својот дел согласно нашите можности, објави Голоб на Инстаграм, пренесува РТВ Словенија.

Состојбата во Словенија полека се смирува, но се уште постои опасност од лизгање на земјиштето, особено во Згорњесавиња, Корушка и Корушка Бела, соопшти словенечкиот јавен сервис.

Повеќе хеликоптери пристигнаа во Корушка бидејќи до некои куќи сè уште не може да се стигне по копнен пат. Надлежните служби продолжуваат да ги отстрануваат проблемите во снабдувањето со електрична енергија, а според медиумите најмногу проблеми има во долината Горна Савина каде 700 домаќинства се уште немаат струја.

Многу патишта во земјава се уште се затворени, особено во Савиња, Корушка и околу Камник.

Прилагоден возен ред важи на пругата Љубљана-Зидани Мост, додека не се санираат штетите предизвикани од поплавите.

Словенечкиот премиер претходно изјави дека Владата ќе одвои повеќе од 100 милиони евра само за реконструкција на инфраструктурата по поплавите.

Слични содржини