„Две третини од испитаните студенти на УКИМ не знаат кој е Претседател на Универзитетското студентско собрание“

Младински образовен форум спроведе истражување за работата на Универзитетското и факултетските студентски собранија, насловено  „Една година студентски претставници – Анализа на работата на студентските собранија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“. Резултатите од истражувањето беа презентирани на online конференција која се одржа на 25 февруари 2021 година и на истата беше организирана дискусија со студентските претставници.

Целта на истражувањето е да обезбеди анализа на работата на студентските собранија и студентските претставници во изминатата академска година. Во таа насока, податоците со кои располага ова истражување се однесуваат до ноември 2020 година, односно една година по официјалното составување на првото универзитетско и факултетските собранија на УКИМ по воспоставувањето на новиот модел на организирање, согласно новиот Закон за високото образование. Резултатите од истражувањето упатуваат на информации дека студентите се информирани и запознаени со работата на нивните факултетски и универзитетски студентски собранија, но речиси половина од нив не се задоволни со работата на универзитетското студентско собрание и сметаат дека нивните студентски претставници не работат квалитетно и транспарентно. Со цел да се подобри работата на овие тела, Младински образовен форум креираше препораки кои произлегуваат од самото истражување и истите се однесуваат на подобрување на транспарентноста на работата на собранијата, зголемен и поедноставен пристап до финансиите кои им се достапни на овие тела и подобрување на соработката помеѓу универзитетските, односно факултетските тела и телата на универзитетот.

На конференцијата во својство на говорници присуствуваа Матеј Тројачанец, истражувач и автор на истражувањето, Борјан Ефтимов, поранешен Претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Теа Мицевска, Студентска правобранителка при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје и Петар Барлаковски, Програмски координатор во МОФ.

„Постои значително поместување во транспарентноста и квалитетот на работа меѓу старото претставничко тело и новите студентски и универзитетски студентски собранија, но потребна е дополнителна работа. Јас лично не сум целосно задоволен од работата на собранијата и мислам дека нашата работа можеше да биде подобрена особено во поглед на транспарентноста, внатрешната организација и координација меѓу телата и начинот на кој беа искористени финансиите на овие тела“, посочи Бојан Ефтимов.

„Очекував повеќе пријави од страна на студенти кои ќе се јават со своите проблеми. Сметам дека малиот број на поднесени барања се должи на тоа што студентите не се свесни за своите права, или доколку се информирани за своите права, не веруваат во телата и органите на универзитетот и не се охрабруваат да ги пријават проблемите со кои се соочуваат“, истакна Теа Мицевска.

Истражувањето е активност во рамки на проектот „Ангажирање на младите за студентски и младински политики“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Слични содржини