Соработка помеѓу ААМ и АД „Пошта на С. Македонија“ за враќање на култната „Шалтер Сала“ во полн сјај

од Vladimir Zorba
278 прегледи

Како резултат на повикот на Управата на АД „Пошта на С.Македонија“ за вклучување на стручната јавност во општествена акција за обновување и повторно заживување на зградата на Централна пошта во Скопје и прифатената иницијатива од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), денес беше реализирана средба помеѓу Јани Макрадули, Директор на А.Д. „Пошта на С.Македонија“ од една и арх. Мишко Ралев, Претседател на ААМ и арх. Александар Радевски, Потпретседател на ААМ од друга страна.

Во атмосфера на обиколка на оштетената „Шалтер Сала“, беше договорено воспоставување долгорочна стручна соработка помеѓу ААМ и АД “Пошта на С.Македонија“, во процесите на дефинирање на статусот и третманот на Шалтер Салата во рамки на зградата на Централната Пошта во Скопје.

Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, која според Статутот, може и има право на „Учество во стручни и јавни расправи, давање експертизи и рецензии за проекти од областа на архитектурата, урбанизмот, просторното планирање, културата и културното наследство“, стои зад иницијативата на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ во правец и со идеа трајно да се реши статусот на Шалтер Салата во рамки на зградата Централната Пошта во Скопје.

За ААМ, овој објект има огромно архитектонско, историско и урбано значење за Градот Скопје и државата. Од таа гледна точка, Асоцијацијата ќе ги стави на располагање своите човечки и стручни ресурси за поддршка на сите идни чекори со кои Шалтер Салата ќе добие соодветен законски статус, ќе биде уреден начинот и можностите за нејзино управување и одржување во техничка, архитектонска и уметничка смисла, како и ќе бидат уредени механизмите за контрола во управувањето со овој објект.

„Земајќи предвид дека нашата држава поседува ограничен градежен фонд, а уште помал е бојот на објекти третирани како архитектонско наследство – дел од целокупното културно наследство кај нас, потребата од изнаоѓање долгорочно решение за статусот на Шалтер Салата во зградата на Централната Пошта во Скопје е неопходна. Токму затоа, ААМ се одгласи на повикот на А.Д. „Пошта на С.Македонија“ и е подготвена да даде придонес во својот домен на работа кон посветеноста на Менаџментот на А.Д. „Пошта на С.Македонија“ кон третманот на Шалтер Салата.“ – изјави арх. Мишко Ралев, Претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија.

„Во лично име и во име на А.Д. „Пошта на С. Македонија“, би сакал да се заблагодарам за поддршката од Асоцијацијата на Архитекти на Македонија кон нашиот повик за вклучување на стручната јавност за третман на Шалтер Салата во рамки на зградата на Централната Пошта во Скопје. Од голема помош ќе ни биде стручноста и знаењето кое ќе го црпиме од ААМ, во правец на дефинирање и изготвување соодветен статус на овој култен скопски објект.“ – изјави Макрадули.

Свесни за вредноста на овој објект, неговата улога, функција и монументална вредност од минатото, денес и во иднината, искрено веруваме дека преку посветена работа, АД „Пошта на С.Македонија“ поддржана од целокупната заинтересирана стручна јавност, вклучително и ААМ, ќе успее да ја врати Шалтер Салата во полн сјај.

Слични содржини