Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа редовниот годишен состанок на шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја на која премиерот Зоран Заев ги информираше амбасадорите за актуелните и најважни активности во процесот за интеграција на земјата во Европската Унија.
Претседателот на Владата на Северна Македонија, пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ, предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје Дејвид Гир, детално го образложи континуитетот на тековните реформски процеси, особено во делот на правосудството, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ покажаа посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел, за што на состанокот беше истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побргу да продолжи, да заврши со старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Премиерот Заев на состанокот истакна дека, имајќи предвид дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива за нас е важно, да го продолжиме дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.
„Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме“, додаде премиерот Заев.
За време на дебатата, претседателот на Владата Заев ја поздрави изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од страна на амбасадорката на Португалија Вирџинија Пина, при што додаде дека е многу важен ставот на Португалското претседателство дека почетокот на преговорите со Република Северна Македонија се меѓу приоритетите и дека Португалија ќе направи се првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021 година.
Премиерот Заев ги сподели и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува.
Претседателот на Владата Заев на состанокот со ЕУ амбасадорите изрази благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против КОВИД-19, и изрази очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка како знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата.
„Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома“, рече премиерот Заев на редовниот годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја што денеска се одржа во Владата на Република Северна Македонија.