Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални оцени денес дека неговото појавување пред судот претставува обид за „заплашување милиони“ Руси и повторно го обвини претседателот Владимир Путин дека наредил негово труење.
„Најважното нешто на ова судење е да се заплашат огромен број луѓе. Да затвориме еден за да заплашиме милиони“, рече Навални.
Навални (44) денеска беше изведен пред судот за кршење на условната казна кога летово беше итно пренесен на лекување во Германија, а му се заканува казна затвор од две и пол години.
Рускиот опозиционер беше уапсен на 17 јануари по враќањето од Германија, каде се опоравуваше пет месеци од труењето со нервниот агенс „новичок“, за што го обвини Кремљ. Руските власти ги негираа обвинувањата.
Потсетувајќи дека илјадници демонстранти се уапсени во текот на изминатите два викенда со барање за ослободување, Навални изрази надеж дека се повеќе луѓе ќе сфатат дека „затворањето милиони или стотици илјади луѓе е невозможно“.
„Штом го разберете тоа, а тој момент ќе дојде, нема да можете да ја затворите целата земја“, рече тој.
Навални повторно го обвини рускиот претседател дека наредил негово труење минатото лето.
„Покажавме и докажавме дека тој се обиде да ме убие преку ФСБ (Федерална служба за безбедност) и дека јас не сум неговата единствена жртва“, рече Навални.