Нова владина седница од 12 часот

од Nikola Popovski
207 прегледи

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе одржи редовна седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На 66-тата седница, со почеток во 12:00 часот, Владата според дневниот ред ќе ги разгледа Предлог-програмата за изменување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година, и Програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за оваа седница ја достави на разгледување и усвојување и Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година.

На предлог на Министерството за образование и наука ќе биде разгледан и Предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за склучување договор за заемно признавање на професионални квалификации на доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти во контекст на договорот за слободна трговија на Централна Европа.

Пред министрите, на редовната седница ќе се најде за разгледување и Предлог-програмата за одржлив локален развој и децентрализација во Република Северна Македонија за период 2021-2026 година, предложена од Министерството за локална самоуправа.

За донесените одлуки и заклучоци од 66-тата седница, која ќе се одржи преку видеоконференциска интернет врска, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.

Слични содржини