„Изборот на Павлина Црвенковска за Претседател на Судскиот совет и тоа едногласно, со оглед на околностите врзани за сега веќе избраниот Претседател, не може да биде толкувано поинаку освен аминување на ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ во Еуростандард банка“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард.
„Ние како Здружение „Правда за штедачи“до сега најтранспарентно изнесувавме и ќе изнесуваме информации за сите кои сметаме и за кои имаме и докази дека се инволвирани во КРИМИНАЛОТ во Еуростандард банка. Па така, и сега веќе избраната Претседателка на Судски совет, која е сопруга на Зоран Црвенковски, се најде на листата на инволвирани за кои сметаме дека имаат удел во овој ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ. Тоа е поради тоа што нејзиниот сопруг, Зоран Црвенковски, има земено кредит од банката во висина од 1,6 милиони евра со умисла за да не го врати, во име на фирмата должник Екопласт Рисајклинг доо увоз-извоз од Скопје, сега во стечај.
За да овој конкретен случај биде уште пошокантен и поневеројатен, верувале или не, во целата оваа работа е вмешана и нивната ќерка Ирина Црвенковска, која била вработена во Еуростандард банка и веројатно веќе погодувате, каде друго ако не во службата за кредитирање на правни лица.
За жал, овој конкретен случај го пресликува, повеќе или помалку, целиот правен систем во земјава и се што не е во ред во него. А богами истото важи и за банкарскиот систем со своите процедури за контрола и ревизија коишто постојат само на парче хартија таму некаде изгубени во архивите за не дај боже некој да ги најде и примени.
Доколку некој до денес имаше сеуште сомнеж дека КРИМИНАЛОТ во Еуростандард банка не е организиран и верифициран од највисоко можно ниво, после овој преседан со Судскиот совет, сомнеж повеќе нема и не може да има.
Да потсетиме дека токму Судскиот совет е највисокиот орган којшто ги контролира одлуките и работата на сите судови, основните, апелационите и врховниот суд вклучувајќи го и Основниот кривичен суд, којшто треба да им пресуди на криминалците од грабежот на Еуростандард банка, кои без грижа на совест и со умисла ги украдоа парите на сите депоненти, физички и правни лица.
Оставаме на јавноста да процени дали Павлина Црвенковска, со сите околности околу неа и конфликт на интереси, е достојна да го води Судскиот совет.
Нашиот став околу ова е јасен. Ограбените физички и правни лица од Еуростандард банка не можат а да не бидат загрижени дека системот којшто еднаш не успеа да ги заштити, со постојаното молчење и непреземањето акции на институциите од тој систем, сега и ги понижи со поставување на ваков Претседател на Судскиот совет како една од најважните институции во системот којашто треба всушност да ги заштити“, велат меѓу другото од Здружението.