Др. Пановски: Далеку сме од вакцинација на децата, ни половина од населението над 70 години не е имунизирано

од Берта Китинска
687 прегледи

Епидемијата спласнува полека, мерките се олабавуваат. После повеќе од една година е дозволено организирање на прослави и свадби на отворено со ограничен број на гости.

За тоа како побезбедно може да се организираат прославите, а да не дојде до појава на нови жаришта и дали децата треба да се вакцинираат „Локално“ разговараше со микробиологот Никола Пановски.

Според него организирањето на свадбите ќе биде една проверка колкав е нашиот колективен имунитет.

-Треба да се внимава на хигиена на рацете, да не се користи ист прибор, посебно внимание треба при посета на тоалетите, во тие случаи треба да се носи маска. Се останато е на совеста на гостите, дали ќе се прегрнуваат, бакнуваат, итн. Се разбира дека и алкохолот ќе влијае на попуштање на дисциплината. Во секој случај ова ќе биде проверка колкав е нашиот колективен имунитет, вели тој.

Професорот смета дека ако бројот на заразени остане низок полицискиот час нема да трае долго.

-Таква мерка немаше ниту кога имаше по 1000 случаи на ден. Целта е да не се продолжува со прославите во затворени простории, станови или викендици по полноќ. Ако бројот остане низок, таа мерка ќе трае кратко, најмногу до 15.06, вели микробиологот.

„Не би ги вакцинирал децата“

Во однос на најавите дека можно е да започне вакцинација на децата од 12 до 16 години Пановски објаснува дека децата лесно го поминуваат ковидот.

-Далеку сме од вакцинација на децата, кога ни половина од населението над 70 години кај нас не е вакцинирано. Опасноста од смртен исход е илјада пати поголема кај оние над 70 години. Ако се вакцинираат над 90% од тие над 20 години, тогаш може да се понуди и на децата. Јас лично не би ги вакцинирал децата. Тие лесно поминуваат ковид, полесно и од грип, а против грип не сме ни помислиле да ги вакцинираме, вели тој.

Климатизерите можат да бидат опасни

-Апсолутно, вирусот во лето практично не се шири на отворен простор, барем не се шири експлозивно. Се разбира дека треба внимание кога ќе дојдат тропските температури, кога лицата ќе се приберат внатре во климатизирани простории, особено климатизерите можат да бидат опасни во простории со многу луѓе, па треба да се воздржиме од климатизацијата освен кога сме сами во канцеларија или кога сме дома, објаснува Пановски.

Тој препорачува доколку лицата решат да заминат во странство на одмор да патуваат со сопствено возило и да се сместат во кампови или бунгалови.

-Мојата препорака е да не патуваат ако немаат посебна и неопходна потреба. Ако сепак се решат да одат на одмор, препораката е да патуваат со сопствено возило, не со автобус или воз. Да се сместуваат во кампови или бунгалови, а не во големи хотели. Да .се хранат на отоврено, вели професорот.

Б.М.

Слични содржини