Делегацијата на Поштата на Србија денеска во Скопје разговараше со македонските колеги за конкретни проекти во кои Поштата на Србија ќе обезбеди развојни консултантски услуги на Поштата на С. Македонија. Новата соработка меѓу поштите на Србија и Северна Македонија е договорена со Протоколот за деловна соработка, кој претставниците на двете компании го потпишаа во август годинава, во рамки на проектот Отворен Балкан.
Директорите на Поштата на Србија и на Поштата на Северна Македонија, Зоран Ѓорѓевиќ и Јани Макрадули денеска разговараа за експертската поддршка што Поштата на Србија ќе и ја даде на Поштата на С. Македонија при воведувањето на поштенскиот адресен код (ПАК) во рамките на проектот „Превод на адреса во шифра на адреса“, кој го разви стручен тим на Поштата на Србија.
На колегите од Северна Македонија им беа презентирани и можностите за вклучување на Поштата на Северна Македонија во регионалните проекти на Пошта Србија – PostPak наменет за правни лица и претприемачи за поттикнување на извозот во рамките на онлајн продавницата и проектот PostCash – трансфер на пари, објавија српските медиуми.