Британски пратеник: Одземете го Челси на Абрамович

од Vladimir Zorba
490 прегледи

КРИС БРАЈАНТ, пратеник од лабуристите во британскиот парламент, денеска на седница на Долниот дом објави документи кои дополнително го поврзуваат Роман Абрамович со режимот на Владимир Путин. Откако Русија денеска ја нападна Украина, Брајант го повика парламентот да изврши притисок врз сопственикот на Челси.

Во документите се вели дека Абрамович имал директни врски со Путин и „корумпираниот руски режим“, а Брајант рече дека документите се од 2019 година и дека британската влада многу добро знаела што прави Абрамович во Британија и како ја користи својата позиција.

„Верувам дека на сите им е јасно дека Абрамович повеќе не може да поседува фудбалски клуб во оваа земја. Сигурен сум дека има основа да се замрзне неговиот имот и да се конфискува неговата куќа вредна 152 милиони фунти. За таквите луѓе нема место во Британија и јас ги повикувам властите повеќе да не му дозволуваат да живее овде “, рече Брајант, повикувајќи на Абрамович да му се одземе сопственоста на Челси.

Абрамович со месеци не е виден на натпреварите на „сините“, а по денешниот руски напад на Украина доби трајна забрана за престој во Велика Британија. Рускиот олигарх тежок 8,4 милијарди фунти го повлече барањето за виза за инвеститори во таа земја во 2018 година, по што доаѓаше со израелски пасош.

Британските медиуми побараа коментар од кабинетот на премиерот Борис Џонсон, но им беше кажано дека канцеларијата нема да коментира поединечни случаи врз основа на сè уште непроверени документи.

Британскиот премиер подоцна најави санкции против Русија.

Слични содржини