Општина Куманово планира нов современ градски пазар на локација на Зелениот пазар во градот, со што градоначалникот Максим Димитриевски ги демантираше шпекулациите пласирани во јавноста дека ќе се урива градскиот пазар и на оваа локација ќе се гради станбено деловен центар, дезинформација која изминатите денови се користи за манипулирање со граѓаните од Куманово.
“Како општина би сакале да изградиме современ пазар, модерен пазар, но без содржини за домување и истиот би имал подземно паркирање по примерот на 1 Мај Куманово и дополнителни содржини, модерни тезги, отворен Зелен пазар, затворен дел на пазарот и сето тоа како што доликува на нашиот град. Ние сме во фаза на изготвување на идејно решение за изградба на современ градски пазар на локацијата на зелениот пазар. Во тек е процес за затворање на постапките за стекнување со сопственост на земјиштето, процес којшто не бил претходно завршен од ниту еден менаџер на јавното претпријатие или пак од општината, а потоа ќе пристапиме кон конечно изготвување на реално решение согласно важечката урбанистичка планска документација на оваа локација, којашто не предвидува зграда или станбен комплекс”, изјави Димитриевски на брифинг со новинарите.