Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски денеска информира дека максимално се мобилизирани екипи на ЈКП „Брегалница“ и на ТППЕ Делчево, со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во централното градско подрачје и во реоните и се санираат штетите по домовите, а во моментов стручни лица од Општина Делчево прават увид на оштетената инфраструктура на коловози и потпорни ѕидови со цел да се пристапи веднаш кон нивна санација.
-Сите сме максимално ангажирани за да се санираат штетите и да се врати градот во нормала. Сакам да ги информирам граѓаните дека и понатаму можат да побараат помош на тел. број 193.
Дефектите на водоснабидителниот систем се санирани уште во текот на ноќните часови и водоснабдувањето е нормализирано, така што граѓаните можат да ја користат водата за пиење, објави Трајковски.
Градоначалникот изрази благодарност до сите граѓани кои ангажирано се вклучија во расчистување на штетите од поплавите, посебно до ТППЕ од Кавадарци, Берово, Кочани, М. Каменица и Пехчево кои синоќа испратија помош во луѓе и опрема и работеа заедно со нас.
-За денеска во 12.00ч. Советот на Општина Делчево закажа Вонредна седница поради големите штети предизвикани од невремето кое вчера го зафати Делчево. На Седницата ќе биде предложена одлука за прогласување елементарна непогода од поплави во Делчево, а ќе биде доднесена и одлука за формирање Комисија за проценка на штети, по што ќе се објави и јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети. Од вчерашното невреме поплавени се десетици приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се коловозите на неколку сообраќајници. Најголеми штети се евидентирани во населбите „Пролет“ и „Басарица“, на ул „Царевоселска“, бул. „Македонија“ . Подетални информации за штетите ќе бидат објавени по завршениот увид на терен, објави Трајковски.