Сервер одговори на писмото на Ахмети: „Да“ за прашањето за јазикот, „не“ за етничката идентификација, а за правичната застапеност нека одлучат граѓаните

од Nikola Popovski
378 прегледи

Поранешниот американски дипломат и професор на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, Даниел Сервер, го коментирал писмото што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го испратил до него, но и до регионалните и меѓународните лидери, како и до премиерот Христијан Мицкоски. Сервер нагласува дека за проблемите што Ахмети ги нотира во писмото треба да одлучат граѓаните на Македонија, а не некој однадвор.

-Целта на писмото е да генерира акција од САД и ЕУ. Немам дилеми околу јазичното прашање. Охридскиот договор е јасен по оваа тема. Потребно е секој јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението да биде официјален со македонскиот. Не гледам како можете да ја доведете во прашање оваа обврска без да создадете повеќе проблеми отколку што веќе има Северна Македонија. Ова беше важен дел од мировниот договор од 2001 година, важно е да се зачува, рекол Сервер во врска со Законот за употреба на јазиците.

Што се однесува до  укинувањето на „балансерот“, односно забраната на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции, што според Ахмети го крши принципот на колективни права на етничките заедници и задира во сржта на Охридскиот договор, Сервер посочува дека претпочита систем што не препознава бои, односно систем заснован на заслуги. Сепак, нагласува тој, непрецизирањето на етничката идентификација на владините службеници нема да ги спречи вработувањата во владата по етничка линија.

-Имињата кажуваат кој е Албанец а кој Македонец. Се сомневам дека целта на овој предлог е продолжување на досегашната доминација на Македонците на високи владини позиции. Лажирањето далтонизам нема да функционира. Македонија треба да ги диверзифицира вработените во јавниот сектор за поцелосно да ја одрази различноста на населението.

Не сум љубител на квоти, но, афирмативната акција со приоритет даден на квалификациите е процес што може да даде разумни резултати. Многу Албанци имаат квалификација што им недостига на повеќето Македонци: ги зборуваат двата јазика. Владата треба да го земе тоа предвид при вработувањата, вели Сервер.

Што се однесува до правичната застапеност во владата, професорот вели дека не е целосно прецизирано и нагласува дека е повеќе политичка поплака отколку правна или уставна забелешка.

-Моите одговори се: „Да“ по прашањето за јазикот, „не“ по прашањето за етничката идентификација на администрацијата, а за прашањето на правичната застапеност нека одлучат граѓаните.

Но, каква разлика има тоа што мислам? Во основа тоа се прашања за кои треба да одлучуваат граѓаните на Македонија“, пишува Сервер.

Ахмети претходно испрати осум писма до меѓународните лидери. Во нив тој ги информирал дека загрозени се историските достигнувања на Албанците во Македонија. Во писмото Ахмети укажува и на, според него, прекршувањето на принципите на Охридскиот договор во однос на формирањето на политичкото мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници по последните избори.

Ваквата реакција на ДУИ следеше по одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот.  Од коалицијата ВЛЕН со став дека ДУИ и понатаму се обидува да врши притисок врз највисоките судски инстанци преку своите инсталации во сите правосудни органи.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година. Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Слични содржини