Славески покажа резултати од пописот: Зошто вредноста на потрошувачката кошничка ја пресметуваме за четиричлено, а не за тричлено семејство?

од Nikola Popovski
88 прегледи

Професорот и екс-министер за финансии, Трајко Славески ја оспори синдикалната месечна потрошувачка кошничка, која покажува колку пари се потребни за едно семејство од четири членови „го преживее“ месецот. Преку објава на социјалната мрежа „Х“, тој постави прашање зошто вредноста на кошничката ја пресметуваме за четиричлено, а не за тричлено семејство.

Повикувајќи се на последниот попис во 2021 година, Славески истакна дека едно просечно македонско семејство брои три, а не четири членови.

-Податоци за домаќинствата, Попис 2021 година: – 1.836.713 жители живеат во вкупно 598.713 домаќинства, следува: – Просечен број на членови во едно домаќинство – 3 (три); – Вкупен број на домаќинства со еден, два и три члена – 359.684, следува: – 60% од домаќинствата во Македонија се со максимум три члена; – Број на домаќинства со 4 члена – 117.084, или околу 20% од вкупниот; – Останатите околу 20% од вкупниот број домаќинства се со 5 и повеќе членови. Зошто вредноста на месечната потрошувачка кошничка ја пресметуваме за четиричлено, а не за тричлено семејство? Само прашувам, стои во објавата на актуелниот претседател на Советот на Град Скопје.

Согласно последните пресметки на ССМ, на едно македонско семејство му требаат минимум околу 1.000 евра за да може да го преживее месецот, а доколку нема сопствен дом и плаќа кирија, тогаш не му стасуваат ниту 73 илјади денари за да ги подмири основните трошоци.  Последните податоци покажуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари и во однос на јануари е зголемена за 313 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, минималните трошоци во февруари изнесуваат 72.851 денари и се зголемени за 213 денари во споредба со јануари.

Прашањето се отвори по коментарите на премиерот Христијан Мицкоскисо кои ја доведе во прашање точноста на пресметките на минималната синдикална кошничка и истакна дека е неопходна измена во методологијата. Според него, спорно е што потрошувачка кошница, освен основните продукти, содржи и цигари, нескафе и сезонско овошје.

„Еве јас во јануари дел од овие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, црешни, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се и цигари бидејќи малку е нелогично да имате цигари во минимална кошничка“, вели Мицкоски.

Слични содржини