Со појавата на корона вирусот се појави и загриженоста околу тоа дали и колку ќе „страда“ македонската економија. Колку кризата ќе се одрази и ќе предизвика остар пад во услужниот сектор, туризмот и индустријата.
Поранешниот советник на екс-министерот Тевдовски, Бранимир Јовановиќ смета дека дека коронавирусот ќе има одраз и врз нашата економија, и дека нема ништо спорно во тоа Владата да преземе одредени мерки за поддршка на економијата.
„Фискалната политика по правило треба да биде контрациклична, т.е. да ѝ помага на економијата кога таа е во криза. Бидејќи е веќе извесно дека коронавирусот ќе има одраз и врз нашата економија, нема ништо спорно во тоа Владата да преземе одредени мерки за поддршка на економијата. Впрочем, и Европската комисија вчера излезе со соопштение дека ќе стори сè што е потребно за да ја поддржи европската економија да ја преброди корона-кризата“, вели Јовановиќ.
Тој истакнува дека некои од мерките кои се спомнуваат од страна на Европската комисија се одложено плаќање на давачките кон државата и директна финансиска поддршка за погодените фирми, додавајќи дека овие мерки се во ред и би можеле да се реализираат и кај нас.
“Поважно од самите мерки е на кого тие ќе се однесуваат. Тие мора да се однесуваат само на оние субјекти кои се погодени од кризата и кои не можат сами да се справат со неа, а никако и на фирми кои не се погодени и кои имаат капацитет сами да се справат. Конкретно, ова може да се изведе така што услов за користење на одредена мерка ќе биде фирмата да има намален промет во последните месец дена, како и ниска профитабилност во 2019 година“, смета Јовановиќ.
Притоа, како што вели, тоа што Владата треба да ја поддржи економијата кога таа е во криза, не значи дека фирмите не треба да ги почитуваат другите препораки и мерки кои Владата ги дава, како мерката за ослободување од работа на работниците со деца помали од 10 години.
“Доколку некоја фирма не ја почитува оваа мерка, или ја намали платата на тие работници, или пак ги отпушти, треба да биде санкционирана поради тоа. Исто така, иако кај нас воопшто не се зборува за ова, Европската комисија дава препораки и за помагање на граѓаните кои се погодени од кризата, како, на пример, оние кои имаат откажани билети поради кризата. Доколку Владата реши да преземе мерки за помагање на фирмите, мора да преземе мерки и за помагање на граѓаните“, изјави Јовановиќ.
Тој истакнува дека без никаква дилема, мерките би имале фискален трошок, бидејќи како што вели, фискалниот простор оваа година е стеснет, поради враќањето на рамниот данок и поради зголемените буџетски расходи (мерката за субвенционирање на придонесите, мој ДДВ, растот на пензиите, растот на платите на администрацијата), па државата ќе мора поинтензивно да се задолжува за да ги реализира мерките.
„Позитивно во целата ситуација е тоа што моменталните очекувања на сите релевантни фактори се дека кризата ќе биде само привремена и ќе стивне за некој месец (како што стивна во Кина). По стивнувањето, се очекува брзо опоравување на економијата, затоа што голем дел од сегашното забавување е всушност одложено трошење, кое тогаш ќе се реализира. Вкупниот економски раст за целата година не се очекува да биде многу понизок од она што претходно се очекуваше. На пример, ОЕЦД неодамна ја ревидираше проекцијата за глобалниот економски раст за ова година од 2,9% на 2,4%, што не е големо намалување. Секако, доколку кризата се пролонгира, економските ефекти би биле посериозни“, додава Јовановиќ.
Неодамна и Бизнис Конфедерацијата на Македонија предупреди дека Корона вирусот ќе предизвика остар пад во услужниот сектор, туризмот и индустријата, нарушувања во синџирот на снабдување, ослабена побарувачка за стоки и пад на довербата на потрошувачите.
Според нив треба сериозно да се размисли и за оптимизација на трошоците и намалувањето на фиксните давачки и даноците. Кредитната воздржаност исто така може да помогне да се намали притисокот врз компаниите кои се соочуваат со ненадеен пад на побарувачката.
„Ковид-19 (коронавирус) се рашири насекаде низ светот без исклучок, треба да бидеме реални и да ни биде јасно дека и Македонија е дел од глобалното социо-економско семјество и дека нема да бидеме „заобиколени“. Владата, директно вклучените и засегнатите не смеат да си дозволат да чекаат. Економските тимови и советници мора да се советуваат со останатите економии, да ги следат сите индекси и економски показатели,“ велат од Бизнис конфедерација.
Од таму препорачуваат и владината потрошувачка да биде насочена, пред се, кон здравствениот сектор, кон поддршка на истражувања.
Заменичката на претседатеот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска смирува. Таа потенцира дека буџетот е ликвиден, економијата е стабилна и во овој момент нема никакви ризици.
„Во моментот домашната економија е стабилна и Буџетот е во добра кондиција и се она што е ставено во Буџетот за 2020 година, останува такво какво што е до моментот додека не се создадат услови, или потреба да биде променето. Следиме дневно и повторувам дека сите мерки што треба да бидат превземени ќе бидат превземени навреме се со цел да имаме ликвидност и кај компаниите и да не биде загрозен ниту еден граѓанин во државата“ смета Царовска.
И.Р.