Заев: Вонредната состојба ќе овозможи сите да бидат посериозни и поодговорни

од Aleksandar Todeski
209 прегледи

Воведувањето вонредна состојба што го побара Владата ќе помогне во полесно справување со кризата со ширењето на коронавирусот, но и во справување со економските последици што ќе ги предизвика таа, смета претседателот на СДСМ Зоран Заев. Во ниту еден случај, потенцира тој, не значи дека воведувањето вонредна состојба ќе овозможи концентрација на моќ кај Владата бидејќи, таа ќе носи уредби транспарентно и поврзани само со справувањето со кризата и со економските последици.

-Ја поздравувам одлуката на Владата да побара воведување вонредна состојба. Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата воведувањето вонредна состојба ќе придонесе за брзо и ефикасно да се спроведуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните и за економските мерки за помош на граѓаните и стопанството, рече на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ.

Воведувањето вонредна состојба, вели тој, ќе овозможи сите да бидат посериозни и поодговорни, да има ред и дисциплина, да се спроведуваат и почитуваат обврските од институциите, а тие да бидат уште поодговорни и професионални и кон граѓаните и кон сите правни субјекти.

-Вонредната состојба значи дека ќе работат сите дејности, како и до сега доколку Владата со уредба со законска сила не затвори дејност или субјект. Ќе може да излегуваме да завршиме работа и да се вратиме на дома, а притоа да користиме заштитни ракавици и маска. Исто така, смеат да излегуваат и старите лица, но само ако тоа е крајно неоходно, истакна Заев.

Движењето, рече, ќе се забрани само ако има полициски час, а тоа само по себе не го носи воведување на вонредната состојба.

-А полициски час ќе има ако не ги почитуваме претходните мерки. Затоа граѓаните треба да бидат посериозни. Заштитувајќи се себе си, ги заштитуваме и другите. Секако Владата ќе може да носи уредби со законска сила само за заштита на граѓаните и спроведување на економски мерки за справување со економски последици, рече лидерот на СДСМ.

Слични содржини