Абазовиќ: Немам ништо против Кривокапиќ да биде премиер на Црна Гора

од Nikola Popovski

Носителот на листата „Црно на бело“ и лидер на граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ, изјавил дека нема да му пречи носителот на листата на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ да биде мандатар за состав на новата црногорска влада.

Абазовиќ, како гостин во емисија на телевизијата РТЦГ, по тој повод објавил дека нема договор, но дека тоа е негова лична позиција.

„Во петок го имаме Главниот одбор на партијата, така што ќе донесеме некои важни одлуки таму, но јас лично го прифаќам професорот Кривокапиќ за нов премиер“, истакнал Абазовиќ.

Абазовиќ рекол дека преговорите за назначување кандидат за нов претседател на Собранието ги надминуваат неговите очекувања и изрази надеж дека кандидатот ќе биде познат до 23 септември.

Абазовиќ додал дека Кривокапиќ е позитивна личност која се појавила во изборната кампања.

„Сакам да видам човек со слични квалитети, интелектуален и морален, на чело на сите институции. Не знам дали е реално“, рекол Абазовиќ, додавајќи дека не би било фер да има нешто против таквиот концепт.

На прашањето дали е можно тој да биде вицепремиер, Абазовиќ посочи дека својата улога повеќе ја гледа во парламентот.

Ако тоа е дел од компромисот, „можам да ротирам и да не бидам во парламентот“, кажал Абазовиќ.

Оценил дека решавачкото влијание врз резултатот од неодамнешните избори во Црна Гора не е Српската православна црква, туку лошата политика на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ.

Абазовиќ заклучил дека не спори дека црквата имала влијание врз изборите, но изјавил и дека „ДПС направи толку многу лоши и глупави потези, како да го сториле тоа намерно“.

Слични содржини