Aдвокат Бангиевски за упадот во М-НАВ: Превентивата е исклучително важна, за да не ни се случи пост – фестум да преземаме мерки, кога веќе нечиј живот ќе биде загрозен или одземен

од Nikola Popovski
424 прегледи

Упадот и насилството во контролата на летање при М-НАВ е кривично дело сместено во групата на кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, вели во разговор за „Локално“, адвокатот Владо Бангиевски за делото со кое се гони групата напаѓачи. Конкретно, станува збор за кривично дело од членот 303, став 2 од Кривичниот законик на РСМ.

-Битието на тоа дело се однесува на загрозување или можност за загрозување на безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со кое предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај или ги попречува услугите на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Тоа стои во Кривичниот законик за тоа дело и лицата кои незаконито влегле во просториите каде што се извршува дејноста на контрола на летање и кои презеле дејствија како што се опишува, Обвинителството ги обвинува за ова кривично дело, кое е и најсоодветно за дејствијата кои ги преземале лицата кои упаднале во просториите на контролата на летање, објаснува Бангиевски.

Според него, за ова кривично дело, Кривичниот законик предвидел казна затвор од најмалку 5 години – што само по себе зборува за сериозноста на делото кое на лицата им се става на терет и за кое се гонат од страна на Обвинителството. Секако, додава тој, судот во текот на кривичната постапка ќе ја одмери висината на казната за секој обвинет – поединечно, што значи може да одмери и пониска казна од максимално предвидената.

Бангиевски е дециден дека Судот е должен да се раководи од доказите со кои располага кога определува притвор или мерки на претпазливост или пак кога пресудува.

-Во јавноста циркулираше аргументот дека ваква мерка на претпазливост им е определана на осомничените заради доказите со кои Судот располагал во моментот на донесувањето на одлуката. Немам директен увид во предметот, но јавноста па и стручната фела реагираше на изречените мерки, сметајќи ги за преблаги, со оглед на битието на делото кое им се става на терет. Знаете, мојот став е секогаш дека на Судот е последна да определи за секој конкретен случај и јавноста, без оглед на интересот и загриженоста за безбедноста во авио – сообраќајот, не треба да суди или да врши притисок, или било кој друг тоа да го прави врз одлуките на Судот. Но, сепак, со оглед на тоа дека станува збор баш за вакво дело плус и за преседан во досегашната авио – пракса, сметам дека по жалба Кривичниот совет би требало да ја преиспита ваквата одлука на Првостепениот суд и истата да ја укине или преиначи. Но, да оставиме да видиме, каква ќе биде одлуката на Кривичниот совет, порачува адвокатот.

Тврди дека нема пракса за ваков случај, бидејќи прв пат се случува кај нас. Но, за слични дела – кога станува збор за било какво загрозување на безбедноста во авио – сообраќајот е исклучително ригорозно.

-Секој што барем еднаш патувал со авион знае и самиот какви се безбедносни протоколи постојат на меѓународните аеродроми насекаде во Светот. Превентивата е исклучително важна – за да не ни се случи пост – фестум да преземаме мерки, кога веќе нечиј живот ќе биде загрозен или одземен. Тогаш е веќе касно што и да се прави. Имаме и скоро имавме случај со убиената Вања од каде што треба да извлечеме поуки и лекции за тоа што значи касно да се преземаат мерки за безбедност, заклучува Бангиевски.

Основниот кривичен суд Скопје вчера формираше предмет во однос на жалбата на основното јавно обвинителство за упадот во М-НАВ на 4 јануари, во која се бара четворицата приведени за овој случај да добијат притвор, наместо мерки за претпазливост како што им определи кривичен претходно. Од судот сега соопштија дека откако е оформен предмет по оваа жалба, Кривичниот совет при судот ќе донесе конечна одлука во наредните 24 часа.

Четворицата напаѓачи во петокот беа изведени пред судот заради загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Сите заминаа дома со задача да не комуницираат меѓусебно или со жртвата, но и да се пријавуваат во суд.. Обвинителството се плаши дека постои опасност  да ја загрозат истрагата, па со жалба побара мерките на претапзливост судот да ги замени со притвор.

Н.П.

Слични содржини